Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, а во која се и вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска е во прва официјална посета на Брисел, на средби со првите луѓе на ЕУ и НАТО.
Премиерот Зоран Заев оствари средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на ЕК, Федерика Могерини. Тој беше придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Македонскиот премиер нагласи дека оваа посета на владина делегација во Брисел, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес.
Во интерес на граѓаните на Македонија е иницијативата за нова динамика во евроинтегративниот процес. Нашата цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ“ рече премиерот Заев.
Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, изрази цврста поддршка на реформските напори на новата Влада и најави дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите. Пораката од високата претставничка од ЕУ, Могерини е дека ако реформите бидат спроведени, Европската унија е подготвена да возврати.
По средбата со високата преставничка за надворешна и безбедносна политика, Могерини, премиерот Зоран Заев, придружуван од владината делегација, ќе одржи средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.