fbpx
4.8 C
Skopje

ИНТЕРВЈУ: Вмровското ткиво во Македонија е зрело за ОБЕДИНУВАЊЕ

АКТУЕЛНО

Г. Богојески – Вие сте дел од ВМРО-ДПМНЕ од 1995 година. ВМРО-ДПМНЕ е партија изградена врз цврсти идеолошки принципи. Дали мислите дека во последните десет години актуелното раководство не направи чекори спротивни на заложбите и идеологијата на ВМРО?

 

Моето континуирано и активно членување во ВМРО ДПМНЕ, за период од повеќе од 20 години, ми овозможи одблиску да ги набљудувам состојбите, да бидам директен учесник во случувањата. Тешко е да се направи дистанца на политиките пред десет и во последните десет години. Не може политиките да се пресечат, како сирење со нож, па да се каже дека нешто посебно се случило во 2007 година, како резултат на што се напуштиле заложбите и идеологијата на ВМРО. За таква оценка прво треба да се истакне што се подразбира под терминот „заложбите и идеологијата на ВМРО“, посебно ако се знае дека истите евалуирале и низ историскиот период на развој на Организацијата. За мене идејата на Организацијата е идејата за Македонија, како независна и просперитетна држава, во која ќе царуваат слободата и човечките правдини, а не волјата на „султанот“. Едноставно станува збор за промена на приоритетите на партијата, промена на кадровските решенија, како резултат на што се детектира промена на политиките. Многу мал дел од раководните структури беа запознаени со Идејата на Организацијата, а уште помалку со Делото. Од тука сосема очекувани беа некои процеси. Јас би потенцирал дека суштинска промена на политиките на партијата се евидентира во периодот на 2009-2010 година. Нешто или некој влијаеше процесите драстично да го променат својот тек. И внатре во партијата, но и во општеството. Јас тоа би го споредил со настаните и промените кои настанаа во партијата во 1997 година, но овој пат во обратна насока. Наместо на подобро, работите земаа сосема погрешен правец. Веројатно состојбите во ВМРО ДПМНЕ се менуваат циклично, приближно за период од 10 години.

 

Многумина прашуваат – Не беа ли потребни реформи во ВМРО-ДПМНЕ уште пред 3-4 години. Каде беа „реформаторите“ тогаш и зошто сега се појавија?

 

Има една битна разлика. Не беа потребни реформи пред 3-4 години, туку беше потребен процес со кој ќе се застане на патот на промовирање на низа погрешни политики и на внатрешна и на меѓународна политичка сцена. Особено на погрешни политики внатре во партијата и претераниот притисок врз лојалните членови. Не е точно дека не сме укажувале на тоа и пред неколку години. Едноставно просторот за дејствување внатре во органите на партијата стануваше се потесен. Се сеќавам на состанокот на ЦК на УМС во 1998 година кога на дневен ред беше промена на Статутот на УМС во насока на негова централизација. Јас и Илија Димовски имавме поднесено, секој поединечно, по повеќе од 50 амандмани, во насока на останување на принципот на непосреден избор и одговорност пред членовите на УМС. Секогаш сум се залагал да се слушне различното мислење во телата на партијата. Ние и сега дејствуваме во рамки на органите на партијата, и само така ќе продолжиме, но јавниот настап беше повеќе од неопходен за да се привлече вниманието кон суштинската потреба од коренити реформи. Доколку имавме таков настап пред последните парламентарни избори во 2016 година, ценевме дека ќе предизвикаме штети на изборните резултати на нашата партија. Сега откако на сите во партијата, вклучително и раководството, ни е јасно дека се поразени тие погрешни политики, и тој погрешен однос кон нашите членови, се отвори можност да започнеме дискусија за реформи и промени на таквите политики и тој однос на потценување на сопствените подржувачи и активисти.

 

Која е разликата помеѓу лидерот Љубчо и лидерот Никола? Каде е идеологијата, идеолошкиот дух во ВМРО-ДПМНЕ под водство на Никола Груевски?

 

Едноставно е невозможно да се најдат две потполно исти личности на светов. Истото е со сите досегашни лидери на ВМРО, не само на споменатите двајца лидери на ВМРО ДПМНЕ. Лично мојот впечаток е дека и двајцата оставија сличен печат на дејствувањето во ВМРО ДПМНЕ. И двајцата вложија половина од својот живот во активностите на партијата. Единствено може да се забележи на желбата да се слушне гласот на членовите. Тоа е особено изразено денес, кога најдобронамерно го кренавме нашиот глас во интерес на иднината на партијата, а не во нечиј личен интерес. И двајцата лидери имаат историско место во Делото на Организацијата, и тоа останува засекогаш забележано од сите нас. Веројатно ќе дојде и денот кога двајцата заедно ќе застанат во одредено партиско тело и ќе направат се што можат да му помогнат на некој иден лидер на ВМРО ДПМНЕ, кој ќе го продолжи Делото на Организацијата.

 

Сте мислеле ли некогаш дека на митинг на ВМРО-ДПМНЕ ќе слушате цитати и величење од Јосип Броз Тито? 

 

Макијавелистичкиот пристап во политиката на моменти е оправдан. Особено ако целта е да се порази „посткомунистичкиот поредок“ во Република Македонија. Но повеќе од наивно е да се очекува дека истото ќе се постигне со коалиционен партнер, како тие „силите“ на Угриновски. Или некој премногу наивно постапил или целта не била таква. Тоа е добар доказ за промашените политики во последните години, доказ дека реформите не се потребни само за кадровски освежувања, туку за коренити промени на политиките на партијата. Едноставно, не се може преку вредностите и Идејата на Организацијата, кои сите нас не обединуваат.

 

Како „вмровец“ како Вие гледате на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Сојузот на Титови Леви Сили и партиите на Ѕинго и Стевче Јакимовски?

 

Мислам дека бев доволно јасен на предходното слично прашање. Се е кажано во предходниот одговор. Може мало дополнување, во насока дека таа е реалноста во Република Македонија, ние „вмровците“ не сме повеќе од половина од населението, па можеме да си дозволиме самостоен настап на политичката сцена. Ние во коалиција имаме и партии од други народи во Република Македонија, па ако го имаме тој пристап, треба да останеме целосно изолирани. Не е прв пат ВМРО ДПМНЕ да прави „неприродни коалиции“. Да Ве потсетам само на онаа коалиција со Демократска Алтернатива во 1998 година и ставовите на дел од тогашното раководство и мнозинството членови. Коалиции се потребни и во иднина ќе има таков пристап. Се разбира со сериозно проверување на вредностите кои ги споделуваме, идеологијата и политиките, за да не се доведеме во состојба во која сме денес.

 

Дел од раководството на партијата ве нарече „безрбетници“ и „профитери“ кои добро заработиле благодарение токму на партијата, остварувајќи околу 300.00 € годишен приход. Ако адвокатот кој бара реформи заработил 300к евра, колку заработија неговите претпоставени кои беа на високи функции во изминатите 11 години?

 

Тој пристап и импулсивен одговор, на поединци од раководството на партијата, на нашата внатрешна иницијатива, сметам дека беше избрзан. Замислете што ќе се случи доколку и ние така импулсивно и без разум одговориме на тие обвинувања. Тоа дирекно и штети на ВМРО ДПМНЕ и е во корист единствено на СДСМ. ФБ статусот на Милошоски оди дирекно во прилог на СДСМ. Ако мене лично ме прашате, не ме погодуваат толку црната кампања и измислените милионски суми или измислен имот и сл., колку што ме повредува фактот што наш брат, со кој заедно сме пораснале во партијата, си дозволи да не нарече „профитери“ или „печалбари“ во ВМРО. Што е тоа толку тажно, толку злобно, толку заканувачко, што може да мотивира таков човек да искаже такви навреди за своите партиски пријатели. Зар на мои 15 години, кога станав член на ВМРО ДПМНЕ, во мислите ми беше „печалбарството“??? Тогаш кога беше неприфатливо и опасно да се биде активист на ВМРО, кога немаше изгледи за добар резултат за нашата партија, тогаш јас размислував на „профитот“ од партијата??? Мислам дека е човечки Антонио да излезе и јавно да се извини на искажаните навреди, и со тоа да го затвори просторот за дополнителни процеси во таа насока. А за тоа кој и колку заработил, Ве молам да се обратите кај секого поединечно, јас не сум ничиј сметководител, ниту истото ме интересира.

 

На роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски за прв пат после подолго време го спомна еден од основачите и прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, заблагодарувајќи му се за неговото визионерство, патриотизам, борба за ВМРО и Независна Република Македонија. Дали Груевски како опозициски лидер почнува да размислува поинаку и преку тој поздрав всушност испраќа сигнали на помирување со некогашниот свој лидер Љубчо Георгиевски?

 

Мислам дека не го спомна на овој начин како што Вие тоа го правите со прашањето. Според мене, домашно воспитан човек е благодарен човек. Ако не сме благодарни на минатиот труд на нашите ветерани, тогаш не ја заслужуваме нашата иднина, која ја градиме на нивни грб.

 

Она што Груевски како премиер не успеа да го направи во 11 години, Заев го направи за само 20 дена по преземање на премиерската функција. Бугарија испраќа позитивни пораки, а премиерите на двете држави ветија заедничка соработка и подобрување на односите меѓу двете земји. ВМРО-ДПМНЕ на некој начин доби шлаканица од бугарската сестринска партија ГЕРБ. На што се должат ваквите промени во надворешната политика на државата?

 

Едноставно, на новата реалност на Балканот. Работите брзо се менуваат. Европската Унија ги прошири своите граници во југозападна Европа, особено НАТО предничи во таа насока. Се сеќавам на мое учество на конференција на Евро – Атланскиот Совет на Бугарија во далечната 1999 година, под модераторство на г-дин Соломон Паси, на која се констатира итната потреба од интеграција на земјите од Балканот во НАТО. Тогаш освен Грција и Турција, ако може да се смета за балканска земја, ниту една друга не беше членка на НАТО. Денес само ние со Србија и Косово, и БиХ секако, не сме дел од таа организација. НАТО експандира, се шири, станува секој ден се помоќна организација. Секој политичар кој се води од реалните процеси и состојби, знае дека за брзо Република Македонија мора да стане рамноправна членка на НАТО. Во таа насока гледам на процесот на подобрување на односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, како две полноправни членки на ООН, на рамноправни основи.

 

Дали е потребна дегруевизација за деизолација на ВМРО ДПМНЕ од меѓународниот фактор?

Реформите во ВМРО ДПМНЕ се потребни пред се поради нас самите во ВМРО ДПМНЕ. Меѓународниот фактор не е единствениот кој упатува на истите. За жал, на грб на ВМРО ДПМНЕ како политичка партија, се ставаат сите случувања од последниве години, како единствен виновник, како резултат на што може да ја констатираме како изолирана политичка партија. Иако, не се согласувам дека само нашата партија е виновна за „расправиите“ на политичката сцена. За „кавга“ се потребни најмалку двајца, а во македонскиов случај има и повеќе актери, кои политичката сцена, наместо да биде место за промоција на нови идеи за напредок на земјата, ја претворија во „бојно поле“. Ако под поимот „дегруевизација“ подразбирате промена на курсот на досегашните политики на партијата, тогаш одговорот е да, тоа е итно потребно. Ако под тоа подразбирате само кадровски промени, без суштински реформи, тогаш одговор е не, тоа ништо нема да придонесе кон подобрување на меѓународната позицијата на нашата партија.

 

Велат – „рибата смрди од главата, а не од опашката“. Има ли партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ храброст да се повлече и да дозволи нови лица да ја водат ВМРО-ДПМНЕ кон победа на следните парламентарни избори?

 

Лично јас многу тешко можам да дадам одговор на ова прашање. Мислам дека е потребно лично Груевски да го прашате за неговите лични позиции и за неговиот став како понатаму. Според мене, победата на следните парламентарни избори ќе биде извесна со веќе завршени суштински реформи во партијата. Но, истото нема да има значење доколку повторно постигнеме „пирова“ победа и поради немање на кредибилитет, повторно да бидеме изоставени од можноста да формираме идна Влада на Република Македонија. Враќањето на кредибилитетот во таа насока ќе биде болен процес, но ВМРО ДПМНЕ е силна партија, ќе ја преживее и оваа реформа.

 

Дали сте подготвени да влезете во контакт со сите десничарски партии во Македонија, со цел идно окрупнување и заедничко делување, раководено од нови лица, кои ќе им се спротивстават левичарските политики на СДСМ и нејзините „ќелии“ во невладиниот сектор?

 

Не само што мислам дека ВМРО ДПМНЕ треба да се подготви во таа насока, туку тоа е нужен процес, без кој не се може во иднина. Доколку се донесат некои законски измени, кои се најавуваат, во областа на изборните правила, тогаш окрупнувањето на македонската политичка десница е повеќе од потребно. СДСМ е во полоша состојба во тој поглед од нас. Ние имаме алтернатива со кого да се окрупнуваме. Мислам дека „вмровското ткиво“ во Република Македонија е зрело за обединување. Обединувањето ќе ја зголеми нашата сила.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -