fbpx
-4.2 C
Skopje

МПЗ „Тодор Александров“ одржа панихида за тиквешкиот војвода Петар Самарџиев

АКТУЕЛНО

Македонското Патриотско Здружение „Тодор Александров“  одржа панихида за тиквешкиот војвода од илинденскиот период Петар Самарџиев (1877-1906). По панихидата, беше положено и свежо цвеќе пред споменикот изграден во чест на војводата во близина на селото Чифлик (Демир Капија). На одбележувањето беа присутни и претставници од МПЗ „Патриот“ и МПЗ „Андон Ќосето“. Пред самиот споменик од страна на организаторите беше прочитан и пригоден говор посветен на ликот и делото на големиот тиквешки војвода.
Петар (Пешо) Самарџиев е роден во 1877 година во селото Подлес. По убиството на татко му, се преселува со неговата мајка во Неготино, каде завршил трокласно училиште. Во 1897 година, група ученици од Самоковското железарско училиште го основаат Тајниот револуционерен кружок “Трајко Китанчев”. Подоцна кон групата се приклучуваат и ученици од Самоковскиот американски протестански колеџ. Самарџиев заедно со другарите Добри Даскалов, Петар Јуруков и други, влегува во тајниот социјалистички кружок, кој по Виничката афера, под влијание на Гоце Делчев бил трансформиран во македонски револуционерен кружок и е под силно влијание на Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО).

Во 1900 година Самарџиев станал член на Македонската револуционерна организација. Во 1901 година влегува во четата на Јане Сандански, а во 1902 година бил четник на Михаил Апостолов – Попето и Христо Чернопеев. Во Илинденското востание Самарџиев бил војвода на тиквешката чета во одредот на Чернопеев и се борел кај село Ваташа и кај Ново Село, Кочанско. По поразот на востанието, тој е Тиквешко околиски војвода и како делегат учествувал на Прилепскиот конгрес на Македонската револуционерна организација, кој се одржал во мај 1904 година. Самарджиев делува неколку месеци во Струмичко и Тиквешко и на неколку пати учествува во судири со отомански сили. Самарџиев го стигнува меѓу Неготино и Кавадарци тиквешкиот кајмакам Албанец Ибрахим ага и го обесува. Воениот суд во Солун за ова дело го осудува Самарџиев во отсуство со смртна казна и била распишана награда од 500 фунти за неговата глава. Самарџиев зимата ја поминува во Бугарија, а во пролетта повторно влегува во Македонија. На 21 јуни 1906 година Петар (Пешо) Самарџиев бил убиен во заседа на чета Врховниот Македонско-Одрински Комитет (ВМОК) меѓу селата Петрово, Дрен и Клисура во месноста Преслапот.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -