7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Министрите на СДС отидоа на одмор и ја оставија целата држава во пламен

„Цела Македонија гори, а владата на СДС никаде ја нема.

Министрите на СДС отидоа на одмор и ја оставија целата држава во пламен, и наместо да бидат на терен тие чекаат дождот да им ги изгаси пожарите.

Согласно информациите кои доаѓаат во моментов во Македонија се активни 15 пожари, а досега, над 2.5 илјади хектари шума или опожарена е дрвна маса од околу 12 илјади кубици.

Изминатиот период беа регистрирани над 160 шумски пожари, а министерот за земјоделство шумарство и водостопанство око не му трепнува да излезе на увид, да преземе конкретни мерки и да ја спречи катаклизмата која им се заканува на животите, здравјето и имотот на граѓаните.

Според информациите на медиумите додека гори во Чашка, на Караџица, кај Маркова Река, во Тетовско, во Кичевско, во Прилепско и Мариово, во Тиквешијата и во Македонски Брод, министерот Николовски си тера годишен одмор во странство.

Министерот Николовски и целата влада на СДС покажаа крајна несериозност, неодговорност и некомпетентност. Тие немаат капацитет да се справат со настанатата ситуација на терен. Дозволија состојбата со пожарите да ескалира до алармантно ниво.

Дозволуваа и по десетина дена да беснеат пожари, неконтролирано да се шират и да ги загрозуваат животите, куќите и имотот на граѓаните, па дури потоа да преземат недоволни активности на терен. Освен нивната негрижа за граѓаните од зафатените подрачја до израз дојде и некадарноста да се справат со подметнувачите на пожарите.

Според информациите поголемиот дел од пожарите биле подметнати, а надлежните институции и после десетина денови не открија сторител или пак посочија ефективни мерки кои ќе превенираат ново подметнување на пожари.

Целата одговорност за состојбите со пожарите оди на душа на владеењето на СДС и нивното незнаење да се справуваат со оваа појава. Оттука е разбирливо зошто најповиканиот ресорен министер за шумарство, најверојатно избрал подалечна дестинација за одмор со цел да не мора да ги слуша повиците на граѓаните кои се директно загрозени од огнените стихии.

Незнаењето и немањето на капацитет не е оправдување за негрижата и неодговорноста на оваа влада на СДС.

Тие со своето несовесно работење и непреземање на конкретни мерки за многу скоро ќе ја понесат политичката одговорност уште на следните локални избори“, изјави Марио Цветковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

поврзани објави

Последни објави