Британската новинарка, Клер Холингворт, онаа која прва го најави почетокот на Втората светска војна, почина вчера во Хонг Конг, на 105 годишна возраст. Искусната новинарка беше родена во Лестер во 1911 година, во текот на својата кариера, прва извести за германската инвазија на Полска во 1939 година, потоа известуваше за војните во Виетнам, Алжир и Блискиот исток.
Таа кариерата ја започна во „Дејли Телеграф“, па таму ја имаше и така наречената „вест на векот“. Имено, таа на границата со Полска ги забележа германските војници, додека патуваше на релација од Полска до Германија.
Насловот на веста за „Дејли Телеграф“ гласеше: „1.000 тенкови насобрани на полската граница. Десет дивизии подготвени за брз напад“. Три дена подоцна, го најави почетокот на нацистичката инвазија.
Холингворт своите последни четири децении од животот ги помина во Хонг Конг. Беше редовен член во Клубот на странски дописници во Хонг Конг, каде минатиот октомври го прослави својот 105. роденден.