4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Катимерини“: Софија, Скопје и името

Како што се доближува есента, како и секоја година, добиваме информации, вообичаено со протекување, во врска со името на Скопје, пишува „Катимерини“ во коментар под наслов „Софија, Скопје и името“.

Според весникот, „досега не се преземени суштински чекори и само се потврдени цврстите позиции на Скопје и Атина со потсетување дека двете страни веќе наравиле отстапки“.

– Сега, првпат во последниве неколку години, имаме некои нови податоци, кои под одредени услови, можат да го откочат процесот, но сепак не пред локалните избори во октомври во Скопје, информира „Катимерини“.

Во текстот се потсетува дека до почетокот на летото, Грција „мораше да се бори против Груевски и неговата националистичката хистерија“.

– Тоа ни одговараше и ни даде аргументи да ја спречиме евро-атлантската перспектива на земјата, коментира „Катимерини“ додавајќи дека претходната власт „ширела антигрчки отров во јавното мислење“.

– Сега што ќе правиме без страшило? Заев, без целосно да ја смени политиката на својот претходник, нема да ни го направи тоа задоволство да гради други статуи или да толерира негови високи функционери да мавтаат со знаме на „Голема Македонија“ на Олимп, како што направи поранешниот министер за надворешни работи Милошоски. Не само тоа, новата влада, наводно, најпосле затвори стари отворени прашања со Бугарија, пишува весникот.

Првата вест за Грција, од доближувањето меѓу Софија и Скопје, веќе пристигна, наведува „Катимерини“ додавајќи дека „пред мастилото да се исуши од потпишувањето на договорот за пријателство, бугарската министерка за надворешни работи Захариева изјави дека Софија не се сложува името на ПЈРМ да содржи географска одредница, како што е Северна или Горна Македонија, затоа што тоа може да крие аспирации за „’Пиринска Македонија’, делот од старата Македонија кој и припаднал на Бугарија“.

– Со оглед на тоа дека Скопје веќе отфрли географска формула, тие сега добија и сојузник во Бугарија, која до вчера беше сојузник на Грција. Така, неофицијално се создаде „фронт“ на Софија и Скопје против „црвената линија“ на Атина за сложено име со географска одредница за сите употреби (ерга омнес), заклучува весникот и на крајот додава дека работите уште повеќе се компликуваат ако на сето ова се додаде категоричното спротивставување на Каменос, партнерот на Сириза во грчката Влада, кој не прифаќа името да го содржи „зборот Македонија или негов дериват“.

поврзани објави

Последни објави