Најдобриот спринтер, а според многумина и најголемиот спортист на сите времиња Јусеин Болт потпиша за Манчестер Јунајтед и не станува збор за шега. Болт на 2. септември ќе заигра за „Црвените ѓаволи“ против Барселона во хуманитарен натпревар на легендите на двата клуба.
Болт отсекогаш важел за фудбалски фанатик, а својот прв официјален настап ќе го запише на 2 септември на „Олд Трафорд“ покрај фудбалските величини како Рајан Гигс и Пол Сколс.
Тој не случајно го избра токму Манчестер Јунајтед. Иако се споменуваше и Борусија Дортмунд, каде веќе тренираше, а ќе го направи тоа повторно, сепак Јамајчанецот важи за огромен обожавател на најтрофејниот англиски клуб.
Но, би можело да се случи својот долго очекуван сон да го одложи уште некој период. Светскиот рекордер на 100, 200 и 4х100 метри навистина трагично ја заврши својата кариера повредувајќи ја задната ложа на последната трка во кариерата. Момент кој нималку нема да остави дамка на неговата кариера, но исто така момент кој ги разочара сите обожаватели на спортот.
Како и да е, би можело да се случи поради повреда на задната ложа да го пропушти дуелот со Барселона.
„Да заигра некој натпревар за Јунајтед е негов сон веќе со години. Навистина би го сакал тоа, но само ако успее навреме да се опорави“, изјави за „Сан“ извор близок до Јамајчанецот.