6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

(ВИДЕО) Мицкоски: Во Македонија завладува хунта

Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција рече дека СДСМ продолжува со политичката хајка и притисоците врз кандидатите за градоначалници што е израз на нивниот страв и нервоза од престојниот изборен пораз.

– Она што Социјалдемократскиот сојуз го прави не е само киднапирање на институциите, не е само диктатура и режим, во Македонија завладува хунта. Во истиот момент кога министерот за внатрешни работи, господинот Спасовски дава изјава дека полицијата нема се вклучува и интервенира во изборите, имаме поднесување на монтирана и целосно бесмислена кривична пријава против градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, а финансиската полиција има упад во уште една општина раководена градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Денеска беше поднесена кривична пријава против градоначалникот на Крива Паланка, господинот Арсенчо Алексовски од една проста причина затоа што обезбедил бесплатен превоз за учениците. Негова била вината зошто децата се превезувале бесплатно, рече Мицкоски.

Тој рече дека финансиската полиција раководена од политичките структури на СДСМ денес упаднала во исто време во општина Вевчани и во семејната фирма на градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски.

– Претходно, бесмислена кривична пријава беше поднесена врз градоначалникот на Прилеп, господинот Марјан Ристески, зошто не ја осигурал општината од нагрдувањето на шарената револуција додека тие што ја нагрдуваа и оштетуваа се на слобода. Градоначалникот на Велес, господинот Славчо Чадиев доби кривична пријава за тоа што ставил точка на дневен ред на советот на општината пред точно 5 години. Градоначалникот на Кавадарци, господинот Панов доби кривична пријава заснована на исказ кој два пати го променил истиот, без никаков конкретен материјален доказ, а на удар се најде и кандидатот за градоначалник на истата општина, господинот Митко Јанчев кој без било каква причина беше застанат и малтретиран од страна на претставници на МВР, а досега никој за жал не е санкциониран поради тој настан, вели Мицкоски.

Според него, СДСМ преку инструирани институции поднесе кривична пријава и против градоначалникот на Штип, Илчо Захарив поради тоа што направил пристапен пат до фабрика која е странска инвестиција, а монтирана пријава добил и градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.

– Сето ова се случува во рок од само еден месец што е јасен показател дека на овие избори Социјалдемократскиот сојуз има недостаток на проекти, идеи, предлози, и дека нивна главна понуда ќе бидат политичките хајки и притисоци против кандидатите за градоначалници предложени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тие нема да сакаат да говорат за она што им е важно на граѓаните, за решенија, програми, патишта, паркови, проекти, нивниот фокус ќе биде политичката хајка против ВМРО-ДПМНЕ. Пријавите се јасен израз на нервозата во Социјалдемократскиот сојуз и страв од претстојниот пораз на локалните избори. Нема да не уплашат, и нема да им помине. Секој ден луѓето се помотивирани, и поспремни да се спротивстават на ваквата хајка. Народот е веќе одлучен, а Социјалдемократскиот сојуз треба да се соочи со сопствената неспособност, со слабата поддршка и поразот кој им престои на следните локални избори, рече Мицкоски.

Тој додаде дека што повеќе притисоци, толку повеќе ќе ја губат поддршката од народот.

– Сите релевантни меѓународни дипломатски претставништва во земјата ќе бидат известени за злоупотребите кои ги прави актуелната власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз. И на крај ќе биде посочена дека многу брзо ќе дојде времето кога ќе одговараат поради сите овие неправди и злодела кои што се случуваат во изминатите неколку дена. Правдата ќе ги стигне за сите и правдата е над сите, заврши Мицкоски.

поврзани објави

Последни објави