Почитувани пријатели, драги сограѓани!
Решив да Ви се обратам непосредно со неколку збора. Да Ви се обратам, не за да побарам нешто, ниту пак да ветувам нешто, тоа го прават некои политичари во предизборните кампањи. Јас иако сум три децении во политиката не научив да го правам тоа. Пред 27 години го напуштив спокојниот и комотен живот во Австралија и се вратив овде, вложив сè што имав, не штедејќи се во битката за независност на Македонија. Се вратив да го живеам истиот живот што го живеат сите мои сонародници и, да бидам искрен, се гордеам со тоа, горд и среќен што денес Македонија е независна и суверена држава.
Наша Татковина.
Иако секогаш бев во врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не бев заинтересиран за некакви политички и државни функции каде има многу камери и интервјуа, говори и фотоапарати. Некако покорисно се чувствувам таму каде што има работа. Јас сум работник, израснав во работничко–земјоделско семејство во село Град во Делчево и по сите години поминати во едни од најголемите и најубави градови во светот, сфатив дека јас сепак најубаво и најсреќно се чувствувам овде дома, во нашето Делчево.
Никој друг не може да нè разбере ниту да сфати што е тоа што ние делчевци го имаме, не може да ги сфати нашата гордост и непокор, не е случајно тоа што додека другите абер немаа, ние , нашите предци го кренаа Разловечкото востание и се бореа за слобода, кое подоцна и ќе стане и инспирација за кревање на Илинденското востание.
Во овој натпревар за градоначалник на Делчево, влегов за да се вложам себеси, сето свое знаење и искуство, да ги искористам сите мои познанства и пријатели од Македонија, но и од Европа и од светот.
Делчево мора да се роди одново, имаме потенцијал, можности и ресурси, само 10 км нè делат од Европската Унија, но и од можностите и фондовите кои ни стојат на располагање, ние треба да ги искористиме на најдобар можен начин. Да обезбедиме средства за филтер-станица на Брана Лошана за вода за пиење, за изградба на улици и тротоари, за спортски игралишта и реконструкција на училишни згради, за водоводи и канализациони мрежи, но и за многу други проекти.
Знам што ни недостасува и што треба да изградиме, иако градоначалникот на еден град не треба да ветува и да прави тоа што нему му е важно, туку да ги слушне своите сограѓани, да ги слушне нивните потреби и да ги реализира нивните желби. Дали тоа е нова развојна зона во близина на Милково брдо во Делчево и ТИРЗ-Делчево, доградба на мостот во Разловци, изградба на пешачки мост во близина на летната сцена во Делчево, како и мост во близина на стадионот во Делчево кој би го поврзувал спортскиот центар со Таушанско Маало, со доградба на кејот од градскиот базен сè до мостот кај стариот сточен пазар, водовод во Ѕвегор, Вирче, Чифлик, решавање на канализациона мрежа во селата Полето, Стамер, Габрово, Разловци, редовно чистење и тампонирање на земјените патишта во селата Селник, Драмче, Турија, Бигла, Чифлик, Истевник, Ветрен и Илиово, како и развој на ловниот и руралниот туризам на планината Голак и во селата Селник, Ѕвегор и Истевник.
Знам дека можеме, крвта на разловечките војводи тече во нашите вени, верувам во подобро утре на нашето Делчево. Го гледам Делчево развиено – центар на Пијанец, со брендирано производство на слива и други производи, општина на среќни граѓани кои имаат работни места не само за себе туку и за околните општини.
Нашата гордост Голак може да привлече многу туристи кои ќе се восхитуваат на природните убавини и новото скијалиште, на Голак во Делчево. Наместо да се иселуваат младите, својата иднина да ја градат овде и многу бебиња да се крштаваат во новата крстилница, а ФК Брегалница, повторно да заигра во првата лига.
“Копачката” или “Запојас” горделиво нека одекне и нека проговори за традицијата во Делчево.
Искрено Ваш,
Иван Соколов