ВМРО ќе го издржи и ова бидејќи има света мисија пред себе, ја има Македонија како водилка и инспирација, бидејќи без разлика на се што ќе кажат и ќе ве убедуваат, ако го нема ВМРО ќе ја нема ни Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод „Денот на Македонската револуционерна борба“.
Денес одиме по трнлив, тежок и мачен, но исправен пат. Патот мора да се изоди бидејќи друг пат нема. Идејата мора да живее бидејќи ако ја нема идејата, ќе ја нема ни иднината. Делото мора да трае. Живееме во време кога на удар е духот на Македонецот. Нема да те скршат ако те повредат, ако те оцрнат, ако те дискриминираат, ќе те скршат само кога ќе ти го убијат духот, и кога ќе ти го убијат духот ќе ти го убијат и името. Не 100, туку 100 илјади од нас прислушувајте, вие не можете да не заплашите, не можете да не натерате да ги свиеме главите и не можете и нема да ја скршите нашата кичма, порача Груевски и додаде:
„Нивното досие во кое нас не водат како македонски националисти, алудирајки на шовинисти, е само повторување на една мрачна епоха од минатото, која ние и тоа како ќе ја издржиме, и ќе ја совладаме. Ние знаеме дека ние сме само патриоти и родољуби, кои си ја сакаат својата земја и народ и се подготвени на високи ризици во нивна заштита. И немаме ништо против или било што злонамерно кон другите земји и народи. Напротив. Ако мислеа дека со фабрикувани избори и организиран изборен инжињеринг ќе не поразат, ќе не срозат, и ќе го поразат духот на Македонците, им порачувам дека притаснале на копче кое само не активира да нашиот организам почне да работи со 120 осто капацитет. Сите можеби некогаш и оправдано скептици, како и сите оние кои подлегнале на пропагандата ги повикувам да ја видат суштината и големата слика, и да се приклучат на вмро во оваа тешка битка. Битка која само заедно и обединети можеме да ја победиме. Ова не е битка на индивидуалци, или лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка на еден народ за опстанок, за идентитетски и економски опстанок“.
Храброста, патриотизмот, љубовта, самопрегорот, рече Груевски, ги добиваш од раѓањето па се до формирањето на личноста и карактерот и на нив не влијаат никакви притисоци.