Фудбалската федерација на Македонија им донираше опрема (спортска опрема, фудбалски мрежи и фудбалски топки) на екипите од Третите лиги во сите шест региони во државата. Последната од низата донации вклучува повеќе од 7о-ет клубови и на тој начин, Фудбалската федерација на Македонија продолжува со големата акција за доделување опрема на клубовите во системот на натпреварување на ФФМ.
Сите наши клубови заслужуваат соодветно внимание и поддршка, токму затоа ни е драго што Фудбалската федерација на Македонија преку донација на опрема и фудбалски топки им дава поддршка на клубовите од Третите лиги во шесте региони во државата. Сите заслужуваат еднаков третман, а ние се обидуваме да обезбедиме средства и опрема за сите. За тимовите, посебно тие кои се натпреваруваат во понизок ранг е значајно кога има некој што може да им помогне. ФФМ секогаш ќе биде на нивна страна, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Минатата недела ФФМ согласно одлуката на Управниот одбор и потпишаната согласност од клубовите од Прва МФЛ донираше опрема (спортска опрема, реквизити, фудбалски топки) од средствата добиени од Шампионската лига наменети за развој на младинскиот фудбал во клубовите. Од средствата од Шампионската лига, исто така се подмируваат трошоците за службените лица во сите младинските натпреварувања на ФФМ и се плаќа месечен надоместок за секој координатор на младинските категории во клубовите.
-Имајќи ја предвид нашата постојана заложба за развој на младинскиот фудбал согласно Стратешкиот план на Федерацијата, а истовремено и одличните резултати на младите национални селекции и се поголемата популарност на фудбалот кај младите и овој пат во договор со клубовите одлучивме да донираме опрема и реквзити за тие категории. Сигурни сме дека за клубовите ќе биде од голема помош. Грижата за младите фудбалери е основа за светла перспектива на секоја екипа, истакна Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.