8.8 C
Skopje
Thursday, February 22, 2024

Георгиевски до Андов: Името ВМРО, го ставивме поради таквите како тебе кои беа симбол на југословенството! (1)

Пишува: Љубчо Георгиевски за неделникот “Фокус“

 

 

Со веќе видливиот крај и политички крах на ВМРО-ДПМНЕ, се повеќе и повеќе политичари, колумнисти, аналитичари, но и квази – експерти, кои со своите писанија излегуваат од рамките на вообичаената критика. Таа критика, секако, ВМРО-ДПМНЕ ја заслужува за периодот на последните 11 години, во кои таа партија владееше со Македонија.

Во таа заслужена критика и јас самиот многупати имам учевствувано. Се ројат текстови на споменатите категории автори во кои, не само што се бара дефинитивно расчистување со актуелната гарнитура раководители на ВМРО-ДПМНЕ, туку се алудира на што е можно подолготраен, дури и на конечен пораз на таа политичка опција.
Но, не е само тоа. Во тие текстови, за кои секојдневно сведочи јавноста, се бара и нешто што е многу подлабоко, поструктурно и посуштинско: фрлање комплетна анатема и на се што е, што било и што ќе биде ВМРО!

Значи, се бара потполно расчистување и поништување на идејата на ВМРО, расчистување со историските заслуги на партијата, па, би рекол, расчистување и умртвување и на историската идеја на ВМРО. Во таа смисла, сакам да го изнесам и сопствениот став, иако и досега, повеќепати во различни пригоди сум зборувал и сум се изјаснил за тоа. Особено кога станува збор за мојот поглед на состојбите дејствувањето на актуелната ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека на тоа имам барем малку повеќе право од многумина други, кои од различни причини и аспекти, токму сега, се навраќаат на таа тема. Се разбира, фактот дека од истите кругови ми се оспорува мојата ролја во создавањето и градењето на таа партија, моето право и во оваа пригода јавно да го изнесам својот став по тие прашања е потполно легитимно, и е, убеден сум, со поголема специфична тежина. Нека звучи и нескромно, но јас сум тој кој во современа Македонија ја воскресна идејата за и на ВМРО. И тоа, сега веќе, во далечната 1990 година.

Најнапред, неколку реченици за денешната ВМРО-ДПМНЕ, иако и досега многупати сум зборувал и сум пишувал за тоа.

 

 

ЗАБЕГУВАЊЕ ВО АНТИЧКАТА ИСТОРИЈА

 

 

Првите критики за идеолошкото застранување на актуелната ВМРО-ДПМНЕ не дојдоа од левицата, туку од мене лично. Бев првиот што упати јавна критика на почетоците на антиквизацијата на македонската историја. И тоа, во самиот нејзин зародиш. Тоа своевидно забегување во античката историја што го направи раководството на денешната ВМРО-ДПМНЕ, која, како што реков, сум ја создал и безрезервно учевствував во нејзиното етаблирање на политичката сцена во Македонија, никогаш не било својствено за основната идеологија на ВМРО.
Исто така, ќе потсетам дека мојата маленкост ја упати и првата критика кон раководството и артијата во однос на се поизразените назнаки на устоличувањето на автократијата во нашето општество и воведувањето екстремно високи разно – разни казни за граѓаните и за фирмите. Тоа беше прво предупредување на јавноста и на политичката опозиција за последиците од таквото однесување на, пред се, најтесното раководство на партијата. Тоа можеби беше последица на фактот дека моите истомисленици јас паднавме први на удар, а тој удар се случуваше во време кога се поклопуваа интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Нивниот заеднички интерес, синхронизирано се отслика во тоталната екскомуникација на ВМРО- Народна партија од медиумите. Убеден сум дека ВМРО-Народна партија  и јас лично бевме потполно недостапни за јавноста од единствени причина: Моите жестоки критики кои им ги упатував на моите наследници во ВМРО-ДПМНЕ, се однесува на безрезервното отворање на македонскиот културен и духовен простор за само еден од нашите соседи – северниот. Таа “операција“ беше успешно изведена со “несебична“ помош од медиумите, кои, без исклучок, беа под нивна апсолутна контрола.
Постојат барем 30 соопштенија и мои изјави во кои денешната ВМРО-ДПМНЕ ја нарекувам “ВМРО – движење за Југославија“, со што недвосмислено го изразив својот став кон таквата политика. Затоа, веднаш да расчистам: да се зборува за денешната ВМРО-ДПМНЕ како за некаков наследник на идејата на историското ВМРО е навистина погрешна, односно промашена позиција. Денешната ВМРО-ДПМНЕ во ништо не се поклопува со партијата ВМРО-ДПМНЕ што ја создадов во 1990 година и ја предводев до 2005 година. Тоа уште помалку можеме да го ставиме во контекст на идејата на ВМРО во периодот од пред Првата светска војна и периодот меѓу двете светски војни. Или, пак, да се бара некакво подудирање со идеите на праосновачите на ВМРО.

Во дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски на чело, се издвојува левичарската историска теза „да се стави се на еден куп, тоа да се уништи, да се запали и да не остави ни една трага“, а тоа да го направат некои леви интелектуалци и политичари. Но, таа теза има еден недостаток што историјата, недвосмислено го потврдила, а идејата завршила на светското историско буниште. Затоа, таа грешка ќе биде основа на нивниот иден пораз ако опстојат на тој пат и во иднина и ако ја следат таа идеја.

 

 

ДОДАВКАТА ВМРО ВО ИМЕТО НА ПАРТИИТЕ ДА ЗАМИНЕ ВО ИСТОРИЈАТА

 

 

И уште нешто. Македонската левица, одвреме – навреме, излегува во јавноста со констатација дека самите “вмровци“ најмногу и наштетуваат на идејата на ВМРО. И таа “левичарска“ идеја, често обоена во сите бои на триумфот, не е оригинална и не е нивна. И таа идеја е формулирана од мене. Во тој пакет, пред подолго време и за жал на некои современици, ја вклучив и констатацијата дека ВМРО ја оствари својата идеја за македонска државност, самостојност и независност и ако сакаме да и помогнеме на таквата Македонија и на историската идеја на ВМРО, тоа најдобро ќе го направиме ако се договориме тоа свето име да го заштитиме, со тоа што ќе и го вратиме на историјата. Реализацијата на таа моја, идеја, се разбира, подоцна прифатена од многумина и од повеќе политички опции, најбезболно и најбрзо, но и најправедно, може да ја донесат само вмровците групирани во најразлични политички партии што го носта тој предзнак, тие четири букви на македонскиот код – ВМРО.

Никако не е тоа идеја која може да им ја наметнат луѓето со лева ориентација, а пак, најголемата грешка ќе ја направат ако се обидат тоа да го направат со некој насилен закон и со гласање на мнозинството во парламентот. Тоа, едноставно, би бил насилнички чин.
Затоа, јас сум поборник и лично ја поддржувам таа идеја. Се согласувам дека ВМРО-ДПМНЕ, во овој момент, е доволно искомпромитирана партија и можеме со договор, како што веќе реков, четирите свети букви – ВМРО да и ги препуштиме на историјата.

Еве неколку зборови за тие што го бараат тоа.

Со задлабочена и суштинска негација на идејата на ВМРО денес се занимаваат многумина огорчени и партиски дефинирани колумнисти. Тие можеби имаат и право, затоа што беа единаесет години на удар и изложени на различни видови тортура на недемокрастките принципи на владеење на денешното ВМРО-ДПМНЕ. Но, не би ги именувал сите. Меѓу нив има и такви кои можат да послужат како прототип , а кои сакаат да се докажат пред сегашниот СДСМ кој ги контролира послугите на власта. Мотивите на тие поединци, групи, па дури и политички сили се различни. Во нивните мотиви, бездруго, нема да навлегувам бидејќи тоа е сосема друга приказна.

Таков прототип, или, подобро речено – егземплар, е господинот Стојан Андов. Најдиректен повод за тоа ми дадоа неговите два долги текста објавени во неделникот “Фокус“.

 
АНДОВ ДВАПАТИ ГО СПАСУВАШЕ ВМРО-ДПМНЕ

 

 

Најпрвин би се задржал на одредени биографски моменти на Андов, за кои сметам дека не би било добро да ги изоставиме. Кај него јасно ја гледам огорченоста и неговиот антимозитет кон историската идеја на ВМРО, односно на ВМРО-ДПМНЕ, на чие чело до 2003 година бев јас. Тој токму таа ВМРО ја нарекува „зло“, а јас можам да ја потсетам јавноста дека господинот Андов на двапати со своите политички одлуки многу и помогна на истата таа ВМРО. Првиот пат тоа беше кога преку Змејковски и Стојменов во 2000 година, СДСМ се обиде да направи пуч против власта на ВМРО „купувајќи“ петмина пратеници на ВМРО. Во тој момент на помош ни притекна Либералната партија, а нејзин претседател беше тој. На тој начин, значи со негова директна помош, власта од 2000 година до 2002 година ја задржавме и ја споделувавме со него, а тој беше претседател на македонскиот законодавен дом.

Така, од четирите години во кои јас ја предводев Владата на Република Македонија, последните две бевме со Стојан Андов. За неговото однесување и соработката со него, секогаш сум имал убави зборови. Особено во времето на воената криза. Мислам дека и тој, барем досега, истото тоа го споделуваше од своја страна. Таа наша соработка ја крунисавме со тоа што на познатиот 15 септември 2002 година излеговме во заедничка коалиција на парламентарните избори и заедно ги изгубивме. Овде, ќе потсетам дека во 2006 година, кога ВМРО-Народна партија се оддели од ВМРО-ДПМНЕ, повторно му понудив да влезе во коалиција со нас, а тој љубезно ме одби и ми кажа дека избрал да оди во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски.
Во тој меѓупериод, Андов промовираше една своја книга во која имаше една своја книга во која имаше напишано некои негативни оценки за Јордан Мијалков, министер за внатрешни работи во првата македонска влада и вујко на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Новиот лидер Груевски им забрани на сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да се појават на промоцијата на таа книга на Андов. Така, на таа промоција од сите можни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се појавив само јас, што беше многу индикативен настан за демократскиот капацитет на новиот лидер кој од мене го презеде кормилото на ВМРО-ДПМНЕ.

Поентата од овој пример ми е дека Стојан Андов е во основата на зајакнувањето на груевизмот. Тој, подоцна, во 2008 година, му даде уште една таква поддршка. Во својата колумна, Андов вели вака: „Љубчо Георгиевски борејќи се за независноста на Македонија главно ги прифаќаше идеите на ВМРО, но животот е многу строг учител. Тој колку што предупредуваше во кариерата, толку повеќе се оддалечуваше од идеите на ВМРО и фактички својата политичка кариера ја заврши во оној момент откако раскина со идеите на ВМРО. Тие идеи потоа ги приграби Груевски. И ете видовме какво зло можат да му донесат посебно на македонскиот народ.

 

Претпоставувам дека оваа реченица е точната дефиниција што се поклопува со биографските и политичките факти на Андов, односно со неговото коалицирање со мене додека сум бил “вмровец“, а потоа, откако јас сум ги напуштил тие идеи, следува неговата коалиција со господинот Груевски, затоа што од тој момент, тој бил вистинскиот “вмровец“.
Тоа е накратко за колаборацијата (коалицијата???) на Стојан Андов со “злите“ вмровци. Денес тој е веќе огорчен и јасно деклариран антивмровец.
Сега малку за неговите тези во споменатите текстови што ги објави во неделникот „Фокус“.

 

 

ДАЛИ АНДОВ МУ СЕ ДОДВОРУВА НА СДСМ?

 

 

Во првиот дел на својот фељтон за ВМРО, Андов влегува длабоко во историјата од пред Санстефанска Бугарија, па до Втората светска војна. Во таа смисла, Андов и експлицитно и имплицитно ни “соопштува“, дека од својот почеток на 23 октомври 189 година, ВМРО е концепт на бугарската идеја за Македонија. И таа приказна ја тера се до појавата на ВМРО – Обединета, зборувајќи за бугарскиот концепт на сите видови ВМРО од нејзиното раѓање. Тоа значи дека ги опфаќа сите светли и свети имиња на ВМРО. Читајќи го текстот, во еден момент се најдов во дилема: што сака да ни каже авторот?
Дали сака да му се додвори на СДСМ и да му даде дополнителни аргументи и поддршка во контекст на најновиот договор за добрососедство со Бугарија, или конечно сака да ни соопшти, дека по многу години илузија и лаги на југословенската комунистичка истографија, дефинитивно сака да проговори за темните места на нашата, македонска историја? Можеби, пак, сака, едноставно да го демонстрира своето познавање на историјата на ВМРО, што за жал, денешните раководители на ВМРО-ДПМНЕ не го поседуваат?

Сепак, препрочитувајќи го вториот дел, на текстот, кога авторот пресвртницата ја прави со ВМРО – Обединета, не можам, а да не заклучам дека Андов во првиот дел во сопствениот текст уште еднаш го демонстрира својот концепт на омраза против историската, реалната вистина, а, воедно, и единствената вистина за нашата, македонската историја.
Во секој случај, ваквото експлицитно и имплицитно прозивањето на историското ВМРО како бугарска идеја и бугарска концепција на Македонија, мислам дека Андов ќе мора многу повеќе да им го објасни на сопствениот круг истомисленици отколку на оние од другата страна на реалната идеолошка матрица.
Конечно, преседанот што всушност не е никаков преседан, затоа што тоа е старата матрица што ја знаеме од Титова Југославија, доаѓа во моментот кога Андов ни соопштува дека ВМРО – Обединета е таа со која реално почнува процесот на македонската нација. Исто така, во текстот ни објаснува дека Тодор Александров, всушност, го раскинува Мајскиот договор затоа што не можел да прифати дека Македонците се посебна нација и оди понатаму велејќи: „Од тој момент течат два процеси на ВМРО, едниот бил процес на истребување на секој од ВМРО кој давал знаци на убедување дека Македонците се посебен народ и имаат различна националност со Бугарите“.

 

 

 

Продолжува.. 

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -

Последни објави

- Advertisement -