Изложба на седумдесетина колажи од Тања Таневска, насловена „Ликовна симфонија на душата“, ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во галеријата Чифте амам, во организација на Националната галерија на Македонија (НГМ).
Колажите на Таневска се изработени во изминатите седум години и со нив, како што наведува НГМ, авторката го проширува ликовниот репертоар со нови изразни можности, впечатливи, визуелни и естетски проникнувања, вметнување ликовен говор на материјалите.
Тања Таневска досега реализирала 25 самостојни изложби во Македонија, а изложувала и во Париз, Берлин, Дрезден, Белград, Загреб, Марибор. Учествувала на повеќе од 220 групни изложби во земјава и странство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).