Од денеска стапува во сила забрана за движење возила на патот до Средно Водно , и ќе важи секој викенд и за време на државните празници.
Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.
Оваа забрана нема да се однесува на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.
За да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно Градот Скопје воведе 2 (две) нови пробни автобуски линии што ќе сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите ќе се полнат со патници на почетната станица и ќе возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија ќе тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј (спроти Макпетрол), а втората ќе тргнува од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат).
Покрај 2. (двете) нови пробни автобуски линии, граѓаните ќе можат непречено да ја користат и постојната автобуска линија – линијата со број 25 до Средно Водно.
Возењето на овие три автобуски линии (25, 25А и 25Б) на почетокот ќе биде бесплатно. Во пресрет на граѓаните, Градот Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).