23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

Лицемерието убива

Во пресрет на денешниот протест на ДПМНЕ пред основниот суд во Скопје, добив повод преку оваа колумна да се изјаснам во врска со суштината на поимот „лицемерие“. Пред било што пријатно и непријатно да спомнам, сакам да кажам дека во целост, лицемерот е човек којшто брзо ги заборава своите грешки и далавери, без разлика дали се големи или мали. Друга работа е дека лицемерот, како што сите знаат, е дволичен, се сретнуваш со него и се ракуваш, пред тебе кажува добри работи со нивна пренагласена употреба и сѐ на сè, тие пофалби и добри намери кажани лице в лице, зад грб се преобразуваат во оговарања и кодошења, со кои по логика на лицемерот, имаат за цел да му наштетат на поединецот. Оттука произлегува заклучокот дека сите лицемери се еден вид самопрогласени доследни и добри луѓе.

Лицемери, тоа не сме ние, тоа се некои други, можеби некои трети. Камо среќа никој да не е на светов, за да не се посомнева човек во неговите постапки и да тече мед и млеко насекаде во секој вид на општество кое постои. Тоа сепак постои, колку и да не верува некој. Според Merriam Webster лицемерието може да се дефинира како измама или глумење со цел да се биде она што всушност не е некој поединец кој прави друг да верува во она што не го прави или како поведение кое е во целосна спротивност со она што некој тврди дека чувствува или верува. Со други зборови, лицемерието значи да се знаат некои нешта за некого и за неговиот карактер и поведение, но сето тоа е само површно знаење.

Животот е борба, пат по кој со суровоста му се соочуваш секој ден, правиш што сакаш, но не можеш да го враќаш времето назад. За волја на вистината, лицемерието спаѓа во целокупната суровост на животот и како најголемата бариера која од човек на човек се шири како епидемија, ја злоупотребува добрината и сериозно ја потценува општата волја за духовност и човечност, во која, во суштина, преовладува вистината за човековото битие. Сакам да кажам дека и во политиката се потценува волјата на идеализмот, особено во онаа, каде што богатењето на владеачките елити го запоседнува врвот, осиромашувајќи го мнозинството и привилегирајќи го малцинството кое ги поддржува истите.

Главното кое би сакал да го искажам е дека во рамките на опозициската ДПМНЕ прогласено е лицемерието за највисок механизам со којшто треба највеќе лидерите да се служат, за да го доведат до заблуда народот. Иронично е што кога беа на власт, се одвиваа избори со нерегуларности, за потоа на непосредниот крај на локалните избори да се жалат тие на нерегуларности. Во други наврати, Груевски вети дека ако треба ќе го даде животот за Македонија, но по 3 месеца тој сепак си ангажираше телохранители за лична безбедност. Скоро повика на протест пред основен суд, што денеска се одвиваше заради „антидржавната политика“ на политичкиот противник, но сепак заборава човекот дека на 27 април го договори упадот во Собранието и бараше осуда за насилниците. Сега знае ова да биде контроверзно, но доследниот човек секогаш ќе го претпочита вкусот на вистината, иако тој горчи.

Нема ништо лошто во рамки на политичкиот живот, освен фактот што вистинското значење на зборот „политичар“ отиде во непознат правец. Политичар сепак не значи човек којшто има малициозни претензии да ги заплашува граѓаните, за да си го сокрие вистинското лице. Напротив, политичарот во минатото за секоја ингеренција водел сметка, колку и да водела некоја од нив кон добро или кон лошо. ДПМНЕ несвесно е контролирана од еден лицемер, од чиишто режим имаме трајни последици. За среќа владее само со партијата, и додека е на чело, ќе има и таму лоши последици од неговото лицемерие. И истите оние кои на улица глумеа патриоти, повторно како овци се собраа денеска пред основниот суд во Скопје во одбрана на Игор Југ и баграта, кои упаднаа во Собранието на 27. Ова сепак не значи дека ја поддржувам власта, моментално јас имам неутрални погледи во однос на настаните околу судењата на насилниците од двете страни.

Така да, браќа и сестри, едно треба да се има на ум – лицемерието убива, како што пушењето цигари и омразата убиваат. Лицемерието просто ги убива угледот и достоинството на личноста, и потоа драстично се девалвира истата и на неа се гледа како продукт за само една употреба. Секој човек има право да си го живее животот по свое, не сметајќи на другите. И политикантите избрале живот кој помалку вреди, но по секое сторено дело, вечно се помнат како лоши. На крајот секој одговара за своите постапки и си го добива заслуженото. И тоа е тоа.

Пишува: Војдан Џилвиџиев

поврзани објави

Последни објави