4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Културен џетлег – Музеите во/и регионот

Во Музејот на современа уметност во Скопје предавање ќе одржи Аленка Грегорич, уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана.

Предавањето ќе се одржи на 18.12.2017 (понеделник) со почеток во 20.00 часот.

Една од најстарите и најразвиените организациски структури во уметничкиот систем е музејот. Основата на професионално работење на музејот: стратегија поврзана со колекцијата, програма, изложбени активности, комуникација со јавноста, издаваштво, едукација и маркетинг, претставуваат дел од кохерентнo изградена визија. Но, денес, кога се чини дека музеите покажуваат особен интерес кон маркетиншките начини и средства за промовирање на колекциите и содржините поврзани со истите, неопходно е да се биде свесен за опасностите на маркетинг ориентираните приоди во создавањето на музејските стратегии. Земјаќи ги предвид замките на западните модели на уметничките институции, треба да се спомене највпечатливиот елемент – музејската архитектура, која уште од деведесеттите триумфира над музејската содржина. Деведесеттите беа декада кога „ѕвезди-архитекти“ дизајнираа музеи кои промовираа модел на архитектонска доминантност, каде архитектонскиот дизајн наместо да го надополнува – се натпреварува, па дури и надвладува над содржината во музејската зграда. Тери Смит го опишува овој тип на архитектура како „destination architecture“, архитектура за забава или забавен парк, каде целта е да се трансформираат современата архитектура и уметноста во атракција. Како надополнување на привлечната „погодна за селфи“ архитектура, овој тип на „вчудоневидувачки” музеи, нудат и бесплатен пристап до низа удобности кои ги нуди музејот како составен дел од неговиот ентериер: простории за социјализација, ресторани и продавници.

На запад, музеите беа градени како нов тип на забавни паркови, следејќи го моделот на трговските центри. Во земјите на поранешна Југославија, трговските центри беа градени како нови забавни паркови. Како последица на постојаниот недостаток на финансиски средства за музејски градби, повеќето музеи во регионот, парадоксално, ги избегнаа опасностите кои доаѓаат со западните трендови – модел на музеј со инфраструктура за активности за релаксирање и урбанистички планови за обнова на запуштените градски квартови преку изградба на атрактивни музејски комплекси во улога на нови забавни паркови.

На овој начин повеќето музеи останаа „заробени“ во старите или надминатите архитектонски зданија кои не дозволуваат современи приоди во архитектурата, со што беа принудени да се фокусираат на нивните колекции, изложбени активности и темата на содржината. Како резултат на тоа, тие се релативно непривлечни за меѓународниот уметнички туризам и неговата публика која постојано се зголемува, но го наоѓаат своето место на светската мапа на значајни уметнички институции, како резултат на нивните извонредни програми и концепти кои произлегуваат од нивните изложбени стратегии. Многу музеи во регионот на поранешна Југославија создадоа и развија кураторски и изложбени програми осврнувајќи се на нивните специфики, како и на анализирање и критичко вреднување на воспоставените западни примери.

Аленка Грегорич е историчарка на уметноста, кураторка и писателка. Од 2003 до 2009 година таа е директорка на Шкуц галеријата во Љубљана, а од 2009 уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана (City Art Gallery Ljubljana) и CC Tobacco 001 (и двата простори дел од Музеј и галерии Љубљана). Во 2009 била кураторка на Словенечкиот павилјон на 53. Венeциското биенале, како и ко-кураторка на 28. Графичко биенале во Љубљана. Во 2011 била ко-кураторка (заедно со Гилит Еилат) на 52. Октомвриски салон во Белград, а во 2014 била една од кураторите на „Курирано од_Виена“. Курирала бројни самостојни и групни изложби во Словенија и надвор од неа. Освен тоа, авторка е на бројни есеи, критики и колумни објавени во книги на уметници, каталози и други публикации, а била и уредничка на каталози и книги на уметници. Предмет на нејзин интерес е одговорноста на оние кои ја создаваат современата уметност, како и на културните институции и нивната улога во современото општество.

Настанот е поддржан од Амбасадата на Република Словенија во Скопје.

поврзани објави

Последни објави