14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

Патни трошоци

Не по врат, по шија! Критиката од секогаш била добронамерна ако за истото тоа што критикуваш по друг, не го практикуваш ти самиот. За жал, кога станува збор за народните избраници (избрани токму од народот) кои треба да ги претставуваат во највисокиот законодавен дом, тоа не важи!

За потсетување, како велеа: „За патни трошоци на Бонева има, за ООН нема пари“ или „Како се молзе државата: Милион евра за патни трошоци на пратениците“ „Граѓаните живеат со 40 денари дневно, а Бонева бесрамно за патни трошоци од буџетот наплатила 12 илјади евра“. – Во прилог линк од тогашните обвинувања на тогашната опозиција – ОВДЕ

За да не излезе дека сум дрвен адвокат на Бонева бидејќи во погоре пишуваните реченици нејзиното име е единствено посочено како пример, сакам да кажам дека Бонева во одредени месеци дури и била поблага односно поштедлива од некои нејзини колеги кога станува збор за трошењето на народните пари, кои наместо по 2. 000 евра месечно за бензин, трошеле по 4.000 евра. (Пу, срам ја било)

А сега почитувани народни избраници, влезени во Парламентот од гласот на обичниот бесмртник (граѓанинот) на кого толку многу му ветувате пред избори, како се молзе државата?  Или заборавивме на јавно искажаните критики и обвинувања во време кога бевме опозиција?

Она што е најжално е што многумина од овие пратеници веројатно не ни патувале до својот дом, а под претпоставка и да патувале, трошоци од 4.000 евра за пат, земени од државниот буџетза само четири месеци, едноставно, се превисока сума.

Познавајќи ги жртвите и искушенијата од минатото на многу македонски граѓани кои придонесоа, како што велите, со пенкало да поразите „режим“, ставете прст на глава и размислете дали вашето однесување, вашите постапки Ве прават поразлични од вашите претходници?!

Дел од медиумите во пресрет на овие новогодишни и божиќни празници објавија тажни приказни за семејства чии деца немаат кров над главата, ги слават празниците во темница, а немаат ни доволно финансии за да си ја платат струјата и водата за да можат да живеат во едни нормални човечки услови. Бидете свесни дека тие граѓани се надеваат на Ваша помош, бидејќи Вие сте оние кои треба да се борите и преку вашата работа да обезбедите поквалитетен живот за граѓаните. Велат еден од највкусните намирници е медот, па немало да има таков (кој ќе биде на власт) кој нема да брцне со раката во отворената тегла мед, па веројатно нема ни Вие, но ве замолувам кога веќе брцнувате во него, правете го тоа со усул и оставете и на народот бидејќи токму тој народ Ви овозможил таа вкусна намирница да се најде пред вашата уста.

 

Пишува: Марио Милчевски

поврзани објави

Последни објави