Додека печалбарев низ Обединетото кралство, чистејќи градежен шут, од градежните објекти, освен канцерогената прашина во мојот џигер, собрав еден куп интересни истории. Во една од нив се раскажува за еден мајстор од еден град во близина на бугарската граница. За тој мајстор дознав дека можел да прави „све“ од паркет до оџак, ама кога ви велам „све“ значи „све“. Ама на прашањето од газдата дали мајсторот може да прави барем едно нешто идеално, не дочекав потврден одговор од неговиот несуден „маркетинг“ агент. Тој милиот не ни знаеше што е тоа идеално. Така си функционира Македончето од времето на дедо Ное, знае „све“, ама никој не го ангажирал со правењето на арката.
Синоќа в.д. директорот на МНТ, Драган Спасов Дац бил учесник во сообраќаен инцидент, испил како што вели тој самиот една чашка алкохол и удрил со колата едно девојче. Денеска како пич мајчин, Дац ја објави својата неотповиклива оставка од должноста директор на МНТ и изрази каење за настанот. Македончето што го бидува за „све“ и тука си најде простор за трол. Ете ги комуњарите, какви луѓе ставаат за директори, пијаници што газат луѓе по улици… да бе и тие ко оние другиве, кои ставаа неизживеани „фраери“ на функции, па после се чудеа зашто „загрижениве“ за државата мафијаши од Серава, ги бркаат со пиштоли истите тие фраери. Еј, ама добра „прича“ смислија тогаш. Толку добра што мораше Латас пола саат и повеќе да ја образложува во вестите на Сител. Па тука не беа снимки од видео камери, па шофери што се пријавуваат сами кај џандарите, за да не го јаде шефот, а имаше и едно моме, валда сакало да се повози во службеното возило, па функционерот и се нашол. Кој знае…?
Зашто ве потсетувам вака вулгаризирано на овој настан? Па за да ви кажам дека Македончето не го бидува за „све“. Многу Македончиња не ги бидува за ништо и си заминуваат тонејќи во блажена анонимност. Но, пострашни секако се оние, кои секој ден ни се пикаат пред очи. Разноразни мазни функционерчиња, кои само чекаат прилика да ја покажат својата „големина“. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски чади ко оџак на железара во диско, ама не се ни извинува. Кој к*р, ако е забрането од законот, тој е министер и ако сака 5 цигари од еднаш ќе запали. Му можете нешто? Друг еден пак, познат по летовите со бизнис класа до Аргентина (оти имал осетлива кичма), намерно си праеше слики со јадење и пиење, за да имале вмровските тролови што да тролаат. Вчера му „летна“ главата… Опаа, како што викаат нашите браќа од исток, „подобро доцна отколку никогаш“. Нешто работиве како да тргнаа. Бавно со брзината на желка, ама се барем за еден микрон по напред.
Денеска г-нот Спасов изигра „мушки“. Јас му благодарам на Господа за тоа што го зачувал девојчето, и Дац сигурно му е благодарен. Си велам дека киксот на (веќе) директорот во оставка, ќе ја запали ламбичката (не онаа на Шушана, си свети она) во главите на тие, кои сме ги избрале да ги „таманат“ законите во Собрание, па да им текне дека треба да има ужасно ригорозни казни за сите, кои си мислат дека знаат „све“ па дури и да возат додека се пијани или ете испиле „една чашка алкохол“. Нека таа ламбичка светне сега, а не утре кога некој гом*ар ќе се начука и ќе собере едно 10-тина луѓе на постојка.
А за Македончето што знае „све“, што да ви кажам. Додека не се научиме на одговорност и не се научиме да се срамиме од нашата толеранција, кон сето ѓубре што не опкружува, ни нема спас. Да ние сме од времето на дедо Ное, ама неговата арка не ја граделе македонски мајстори, баш поради фактот дека се фалеле дека знаат да работат „све“. Истото важи и за шофериштата низ град.
Автор: Атанас Величков