Лично ќе се заложам ова да биде помеѓу приоритетните цели во програмата на ГДУ, мерка со која ќе го ублажиме губењето на граѓаните, градовите и селата.
Не е толку голем проблем што во минатото секој втор навиваше за „Звезда“ или за „Партизан“, такви беа околностите и влијанијата во таа поранешна република, но проблем е тоа што сѐ уште има такви кои навиваат за „Звезда“ или за „Партизан“ и сѐ уште сме поранешна република на поранешната република.
Оттаму, прашање е дали сѐ уште е толку силно истото тоа влијание или тоа се навики кои се „влечкаат“ со сите власти и ослободители во светските, балканските војни, па дури и поназад во Отоманската империја и Византија? Дали истата таа „раја“ функционира со истите методи на заплашување, закани, пљачкање, страв, ќотек и чекање милосрдие?
Тој длабоко врежан генетски код се надевам може да биде променет доколку се збришат од сцената превртливите, слаткоречиви и среброљубиви „лигуши“ кои исто така се редовно застапени во долги временски периоди независно кој е на власт, така што нивните потомци и ден-денес ги има распослани по јавни и влијателни функции.
И кој ни е виновен? Кој ни е виновен што дозволуваме да ни ја пишуваат историјата онака како што тие сакаат да биде прочитана? Кој ни е виновен што години наназад овде е современ див запад? Кој ни е виновен што наликуваме на попот од приказната кој лежи во калта и не дава рака на пружената помош?
Можеби треба да се потрудиме да го расчистиме сопствениот „двор“ на вредности и практики, за мала првична промена, па да започнеме со сериозна организација на сѐ она што до сега е заплеткано.
Примери има многу во Европа. Една од основните цели на ЕУ е овозможување на слободата на движење во секој поглед. Првична промена би била паметно да ги искористиме можностите кои се нудат од претпристапната помош на ЕУ и програмите на Унијата. Имајте предвид дека овие средства многукратно ќе се зголемат преку структурните и кохезиските фондови со членството на Македонија во ЕУ. Тоа е добра подадена рака, како и можности за наша реорганизација, секако доколку сме паметни.
Додека кај нас се градеше „Скопје 2014“ во ЕУ се применуваа социо-економски политики за рамномерен развој. Можеби е вистинско време да размислуваме за развојна политика надвор од радиусот на централниот скопски плоштад. На пример, можеме да градиме повеќестепена управа со примена на најдобрите европски пракси.
Со јавните политики на ЕУ долго се делува кон економска, социјална и територијална кохезија на регионите. Според номенклатурата на територијални единици NUTS 3, Република Македонија има 8 плански региони – чисто да ги потсетам „одговорните“ за примена на јавни политики за рамномерен развој кај нас.
Доколку за нив ова е небитно, лично ќе се заложам ова да биде помеѓу приоритетните цели во програмата на ГДУ, мерка со која ќе го ублажиме губењето на граѓаните, градовите и селата. Повеќе од алармантна е ситуацијата и со поголемите општини (освен оние во градот Скопје). Не е логично законското решение кое го препознава единствено Скопје како град. Тоа не е нормално покрај Охрид кој е град само во УНЕСКО, Битола која е синоним за град во сите држави од соседството, освен во Македонија, покрај Велес, Штип, Тетово и т.н.
Повеќе од неопходна е промена на законот за локална самоуправа и нејзина реорганизација.
И само уште да прашам, кој ни е виновен што упорно ги слушаме меѓусебните обвинувања на едните и другите кој колку злодела направил на нашиот грб и дали воопшто можеме да очекуваме нешто подобро ако секогаш правиме едно те исто?
Авторот е член на УК на ГДУ