„Батка си ја заборави трубата на влезот од тунелот…“
„Не е мојата, мојата е помала…“
Само Македонче може да направи шоу од нешто толку нормално, како што е отворањето на автопат. Само Македонче може да викне трубачи за да ја прослави сопствената беда. Отворивме делница од пат долга 28 километри… ја градевме 7 години, па зарем не е тоа повод за прослава? НЕ Е!!! Подобрувањето на инфраструктурата е должност и обврска, никој нормален не го прославува завршувањето на одредена обврска со иконографија „тргнавме по невестата“. Никој!!!
Македонија ја живее својата „Ивкова слава“.
Музиката ни е во крвта. Посебно орцето и чочекот. Мешај мешај не се чешај, на крајот од тунелот те очекува големата награда… Ако стигнеш до „светлото“ на крајот од тој фамозен тунел и си успеал да останеш со паметот во глава, можеш да се сметаш за победник. Не е лесно верувајте.
Страв ми е да си помислам, каква журка ќе се направи кога ќе се отворат трите нови патарини на делницата. Сепак некој треба да го плати цехот за проектот и за трубачите што со своето присуство го облагородија отворањето. Нема лутење, ќе си плаќате и чочек ќе играте.
Геро не ми е омилен лик, ама убаво напиша човекот, автопатот не е ни на Заев ни на Груевски, туку на даночните обврзници. Ова е нашиот пат, долг 28 километри, граден 7 години, со тунел отворен како да е селска биртија. Убава слика за се што ни се случува во овие 27 години независност. Нашиот пат кон иднината… Невестата Македонија што вчера ја „мужеа“ со трубачи, спиеше. Таа милата спие уште од времето кога е родена, чат пат ќе се разбуди, ќе поплаче и пак ќе се потопи во сонот. Така и било пишано, чочекот да и биде приспивна песничка.
Што да ти кажам народе, навлечен на бурлески? Како да ти објаснам дека комичните ситуации што ги гледаме речиси секој ден веќе се далеку од смешни. Нашето секојдневие наликува на одамна истрошена серија што била смешна некогаш, ама веќе тера 27 сезона а авторите на сценариото смислуваат поглупави вицови и од оние на Војче Китановски.
Како да ви кажам дека тролот за трубачите е трол за самите нас, рајата која упорно трпи да и продаваат пувки од типот „Градоначалникот на Лозово офарба во бело, чешма на која стоело сонцето од Кутлеш, пошо му сметало“. На што ви личи тоа? Ајде „изедете се“ живи во социјалните мрежи. Обидете се да измерите, чив лидер е поголем деген. Нееее, лидерите, арно ви прават. Едно тапкање по рамо и облеката веќе не се пере, ја допрел лидерот. Еден чочек (или орце) со лидерот исто така не е на одмет. Важно е рајата да се забавља, и да има свеж материјал за трол.
Сосема за крај морам да им кажам нешто на паметните глави што го смислија сценариото со трубачите. Силно се надевам дека ќе добиете пофалба за перфидното ситење што ви беше наменето за „диктаторот“ со меко р. Уживајте во моментот. Утре…? На кого му е гајле што ќе се случува утре? Важно е трубачите да не бидат зафатени и нашата Ивкова слава да продолжи.
PS: И не, на крајот од тунелот не се гледа светлото…
Автор: Атанас Величков
Извор: Трибуна.мк ОВДЕ









