Огромно е задоволството кога разговарате со паметни личности, млади интелектуалци кои својот пат кон успехот го трасираат преку секојдневен труд и љубов кон она што го работат. Еден од нив е и Ханис Багашов, со кого ние разговараме. Ханис е неверојатен фотограф, млад вљубеник во филмската уметност, кој глуми и режира.
Вие етапно ја градите вашата кариера од мали нозе, а до својата 14 годишна возраст зад себе имавте снимено пет краткометражни филмови. Да се потсетиме како почнавте..
Забавно. Пишував кратки сценарија и ги снимав со моја малечка камера. Слично на тоа сега што правам.
Актер на 8 театарски претстави. На кои драмски улоги сте посебно горди зошто сте биле дел од истите?
Тоа беа воглавно улоги во детски театарски претстави. Кога бев основно, членував неколку години во Детското драмско студио во Тетово. Горд и среќен сум што имав можност тогаш да бидам дел и од испитната претстава „Роберто Зуко“, во класата на проф. Рефет Абази, при Факултетот за драмски уметности во Тетово. Сите улоги се значајни на свој начин.
Од каде инспирацијата за снимање филмови?
Не знам. Од секаде.
„Генерале“ е песната која е дело на Ориѓански, а чиј видео запис му припаѓа на Ханис Багашов. Каква е соработката со Златко Ориѓански од тој ден и што Ханис можеше да научи од него во текот на досегашната соработка со него?
„Генерале“ беше наша прва соработка. Оттогаш сработивме уште еден спот за песна, промотивно видео за новиот албум „Добро утро Госпоѓо“, омот за истиот албум и негова музика во мојот документарен филм „Лица“. Настрана од работава, ние сме многу блиски пријатели и многу нешта учам од него.
Како дојдовте до идејата за „FACES“ – „Лица“ ?
Спонтано се случи. Го знам тоа место и луѓето горе – долу, а во тој момент имав потреба нешто да работам, да бидам зафатен. Убаво е да се документира една таква вистина, од многу причини.
Што промени овој филм кај тебе, како влезе во проектот и дали си задоволен од конечниот резултат?
Беше убаво и спонтано искуство, убави сеќавања. Презадоволен сум од резултатите, ако земам предвид кога, како и со што го снимив. Филмот беше дел од неколку фестивали во Хрватска, Романија, Италија, Србија, Косово, Македонија и доби повеќе значајни награди на истите.
„Луѓето се добри ама сиромаштија е“. Ова го заклучивте откако го снимивте филмот во Црник, односно по разговорот со жената која вели дека секојдневно се мачат, борејќи се за живот?
Да, тоа е изјава на еден од ликовите во филмот. Вистина е дека луѓето се добри, чесни, искрени, и дека социјалната положба им тежи, носи болка и проблеми. Јас искрено се надевам дека филмот ќе допре до повеќе луѓе и институции, кои ќе почнат да ја ценат и вреднуваат колку што вистински заслужува работата на селаните.
Што мисли Ханис за домашната состојба во кинематографијата?
Досадна состојба. Треба повеќе финансиска поддршка на млади филмаџии, кои ќе дадат нешто ново, искрено и иновативно за гледање.
Колку министерството за култура ги поддржува младите таленти како Ханис?
Мене ме нема поддржано во ништо, ниту пак сум побарал досега. Имам талентирани другари кои си заминаа од оваа држава. Тоа кажува нешто.
Кои се вашите омилени филмови?
Многу е тешко да се издвојат филмови како омилени. Ги сакам филмовите на Бергман, Киаростами, Скорсезе.
Кои се вашите идни планови?
За некоја недела филмот ,,Кога денот немаше име” на Теона Митевска, во кој играм една од главните улоги, ќе има светска премиера на Берлинале. Привршувам со подготовки на книга која ќе соддржи мои црно-бели фотографии, снимени во период од 2013год. до 2016год.