Денешните прослави во 15 градови низ Македонија по повод добивање покана од НАТО се причина за умерена загриженост во МВР.
Полициски извори велат дека на јавните собири не се очекуваат големи нарушувања на јавниот ред и мир но не се исклучуваат и инциденти меѓу противниците на договорот со Грција за името и поддржувачите на владата кои сметаат дека земјата трева да гласа “за” на референдумот за името.
За да се спречат инциденти вечерва во сите 15 градови ќе бидат распоредени соодветен број припадници на МВР, меѓу кои и од специјалните единици.
МВР очекува редот и мирот да го одржуваат локалните полицајци без употреба на специјални сили но доколку има потреба и дојде до поголемо нарушување на редот и мирот на “стенд бај” се и најобучените полицајци.
Причините за загриженост во МВР се темелат на најавите на социјалните мрежи каде што од завчера наспроти Владата дел од активистите повикуваат на бојкот на концертите а дел бараат граѓаните да одат и јасно да покажат дека се против менување на име и идентитет како услов за влез во НАТО.
Дел од граѓаните сугерираат да се оди на настаните и артистите да се гаѓаат со јајца и патлиџани.
Според нив симболиката на ваквиот чин ја носат црвената боја на патлиџанот и жолтата боја на јајцето кои ги претставуваат боите на македонското знаме.
Фрлање со јајца и патлиџан по артистите како израз на незадоволство на граѓаните не се смета за кривично дело затоа што не може да предизвика телесни повреди но сторителите можат да добијат мандатни казни за загрозување на хигиената на јавен простор.
Извор: Експрес