7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Брат ми близнак го украле во болница после порoдување, а на мајка ми и рекле дека го загубила детето

Цел живот се чувствував чудно, како да ми фалеше дел од мене. Кога бев дете често мокрев во кревет, ме болеше стомакот без причина, одеднаш чувствував ненормална болка во раката или ногата ко да сум се искршил целиот.

Во училиште ми се случуваа исто така некои чудни необјасниви работи. Често бев тажен, осамен, тешко се зближував со другите деца.

Моите ме праќаа на психолог поради ваквото однесување, но немаше подобрување. И така, јас полека пораснав и дознав дека јас всушност кога сум се родил сум имал брат близнак кој немал среќа и веднаш умрел уште во болница. На тој начин ја објаснуваа мојата тага, како да ми фалело некое делче од мене, бидејќи со брат ми сме биле еднојајчани.

Татко ми возеше камиони, тоа му беше работа. Имав 17 години кога се случи тоа. Се врати дома блед, вознемирен, плачеше, па де беше бесен, де ме гушкаше, де плачеше, де пцуеше. Со мајка ми долго збореа во шифри, па и таа плачеше, се тресеше, се затвори во соба. Мене ништо не ми беше јасно и не ми кажуваа.

Сè криеја од мене. Знам дека одеа во полициска станица, неколку пати ни дојде полиција на врата, но мене сè уште ме држеа во мрак. Си помислив дека татко ми направил некоја сообраќајка, па дури и помислив дека згазил некој, но упорно и упорно ништо не ми кажуваа што се случило и затоа на крај дигнав раце и се откажав.

Поминаа неколку години од тогаш, а двајцата беа свиснати и некако безживотни. Мајка ми се разболе и си почина кутрата кога имав 25 години. Со татко ми животаревме после тоа, тој со камионот, јас подработував нешто колку да не седам така.

За среќа чичко ми ме вработи во една фирма, па еве и ден денес работам таму, а уште неколку години и ќе се пензионирам.
Имам една желба, а тоа е еден ден, пред да умрам, да го запознам брат ми.

Татко ми залегна во постела пред да умре и тогаш ми раскажа што се случило дента кога се врати од пат вознемирен. Му се расипал камионот во “Недојдија”. Долго време се мачел на врелото сонце, а тогаш застанал човек и му понудил помош. Му рекол дека живее во близина, па може да го одведе до дома кај него и да повикаат помош по телефон.

Таму го пречекале убаво, го понудиле и со храна и со пиење, а татко ми се јавил каде што требало за да дојдат да го земат. На испраќање домаќинот му рекол дека ќе го викне најстариот син за да го испрати до договореното место од каде потоа требало да го земат татко ми.

Е тогаш татко ми доживеал шок. Пред него сум се појавил јас а тој во неверување почнал прво да се смее и да прашува каква шега е ова. Момчето што се појавило пред него, синот на домаќинот, било идентично на мене. Прозборело на друг јазик, на јазикот на “своите родители” и тогаш татко ми доживеал втор шок. Го повикувал со моето име, почнал да се кара и да се расправа, не му било јасно, но набрзо му станало сè јасно.

Домаќинот нешто му свикал на момчето и тоа се скрило, а лутито го грабнал татко ми и го истерал надвор. Го однел до местото каде требало и му се заканил дека ќе го убие ако уште еднаш го види.

Со мајка ми пријавувале во полиција, па дури еднаш се видел со домаќинот. Тој го повикал на разговор. Му признал дека детето им било посвоено, а по него имале и други свои деца, ама не можеле да се откажат од него. Никогаш немало да се откажат од него, а тој никогаш не смеел да ја дознае вистината. Ако не послушам и ако јас или некој мој близок се обиде да направи контакт со детето, безмилосно ќе бидеме сите убиени.

И така, потерата за татко ми завршила и заедно со мајка ми по вторпат го изгубиле брат ми. На мајка ми срцето од тага препукна, а татко ми изгледа живееше уште толку колку да ме види застанат на нозе како стабилен човек. Кога ми ја кажа вистината за брат ми, ме заколна никогаш да не одам и да не го побарам, зошто тоа се опсни луѓе и сериозно ќе си го загрозам семејството.

Кражбата на брат ми се случила пред повеќе од половина век, но уште пече и боли, зошто судбината сакала да се дознае вистината. Нека им е лесна земјата на моите родители, а јас искрено се надевам дека некогаш, случајно ќе го сретнам брат ми, бидејќи сè уште го чувствувам како дел од мене.

Со соговорникот разговараше С.П.

Превземено со одобрение од редакцијата на Галама

поврзани објави

Последни објави