6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ИНТЕРВЈУ: Ќе успее ли МПЗ „Тврдокорни“ да ги одбрани националните интереси на Република Македонија

„Македонец за Македонец, брат за брат“ – тоа е мотото на МПЗ „Тврдокорни“ кое е регистрирано како официјално патриотско здружение, чија единствена цел како што велат  самите тие, е одбрана на националните интереси на Република Македонија, кои според нив, се загрозени од страна на сите македонски партии.

Разговараме со еден од основачите на Македонското Патриотско Здружение, Кристијан М. за идејата за формирање на едно такво здружение, целта поради која е формирано, за нивната соработка со други сродни сојузи, како и за самото дејствување на здружението.

ПОГЛЕД: Oд каде идејата за името „Тврдокорни“ на новоформираното македонско патриотско здружение?

Самото име симболизира нешто нескршливо, нешто неизобличено, во оваа наша македонска приказна како самостојна држава, кога наместо да растеме како нација, ние константно бележиме падови и омаловажувања, самото име е она што е заспано во повеќето македонци, а ние сакаме да го разбудиме на еден чист патриотски начин

ПОГЛЕД: Дали МПЗ е и официјално регистрирано здружение?

МПЗ „Тврдокорни“ е регистрирано како официјално патриотско здружение, со своја усвоена платформа и статут, и целта е да остане како здружение на граѓани, постепено и трпеливо да го градиме и чуваме од партиски обојувања и дискредитации, затоа што основна цел на ова здружение е воздигнување на македонштината а не на партиите кои ја заспаа истата.

ПОГЛЕД: Каква е вашата соработка со „Македониум“ ?

Како и што стои во нашиот статут, МПЗ „Тврдокорни“ е здружение водено од христијанските догми на подадена братска рака, особено со сродни сојузи како што е Македониумот каде што ние можеме да го најдеме нашето место, затоа што и заложбите на двете страни е речиси 90 % на иста линија, се надеваме и веруваме дека мотивите кај нашите сојузници се исти. Се надеваме и веруваме дека и мотивите кај нашите сојузници се искрени и чисти и затоа со задоволство ја прифативме оваа подадена рака и од еминентните македонци кои се сепак признание за нас, иако сме толку млади и сеуште во зародиш.

ПОГЛЕД: Велите дека ја застапувате про-македонската опција која нема да потклекне пред ниту еден фактор и ќе ги отфрли како ништожни и предавнички сите одлуки кои се против Македонија. Што всушност значи тоа?

Во изминатите години, најголемите партии на македонците, успеваат македонецот да го направат безгласна буква кога се загрозени неговите национални прашања. Од времето кога она – УЧК, стана политички фактор, преку територијалната поделба, амнестирањето на хашките злосторници и други настани, кои поминаа без никаква реакција од народот затоа што тоа беше оркестрирана стихија и молк од двата моќни центри, сметаме дека е крајно време во Македонија за создавање на надпартиски сојуз и критична маса на луѓе која во секое време ќе биде спремна да реагира и да се спротистави на понатамошни понижувања и отстапки на македонците. Македонија ја гледаме како унитарна и демократска земја каде што македонецот е конститутивен народ, затоа што тој е народот кој што крварел и ја создал оваа земја. Тој и никој друг.

ПОГЛЕД: Колку членови брои вашето здружение? 

Во моментов таа бројка изнесува околу 500, со заведени пристапници, и таа бројка расте. А што се однесува до лица кои лично се појавиле на нашите состаноци таа бројка е околу 100. Тие се задоволни од тоа што им е презентирано, од целите и заложбите и самите потоа праќаат на нашите состаноци нивни истомисленици кои ни се приклучуваат. Се уште сме на почеток и за нас е битен секој член кој сака средба со врвот на здружението. Секое село и секој град сме во план да го поминеме и да ги преземеме нашите нови членови затоа што тоа се луѓе кои навистина бараат формирање на вакво здружение.

ПОГЛЕД: Кој е финансиерот на МПЗ „Тврдокорни“ ?

Во овој момент, самите членови на Тврдокорни, наша најголема инвестиција во моментов е идејата и чесната намера, а сметаме дека со тек на време се ќе дојде на свое место.

ПОГЛЕД: Како ќе дејствува вашето здружение доколку еден од лидерите на партиите од македонскиот блок прифати двојазичност и исполнување на платформата од албанските политички партии? 

Ќе повика на протести, и ќе застане зад сите македонски патриоти кои се противат на непринципиелни политички пазари кои се секогаш на штета на македонецот. Веруваме дека најголемиот број македонци ќе го побараат истото.

ПОГЛЕД: Ги обврзавте членовите на МПЗ „Тврдокорни“ да го научат текстот и пеењето на песната „проклети да се предавниците“ – Дали тоа значи дека ги спремате вашите членови за протести? 

Самата песна е спремна за некои лоши времиња кои се надеваме дека нема да дојдат. Искрено веруваме дека кај најголемите партии во македонскиот блок има луѓе кои се патриоти и си ја сакаат својата земја и дека ќе го работат она за што дале заклетва, а тоа е чувањето на интегритетот на државата. Ако се решат на национално предавство, рекомпонирање на Македонија, тоа е песна која ќе ја слушаат многу често, пред парламентот, пред нивните домови, во рестораните каде што вечераат, на спортски манифестации и слично. Нема да им биде воопшто комотно. Не насилните акти на протест даваат многу посилен ефект отколку насилните. Битно е кога си на правата страна.

ПОГЛЕД: Велите дека ќе ја поминете цела Македонија, секој град и село. Како ќе дејствувате на локално ниво и дали здружението има свои седишта?

Веќе се формирани разграноци во повеќето населби во Скопје како главен град, а во фаза е и организациската поставеност кај секој разгранок, поставени се темели на разграноци во Прилеп, Куманово, Битола, Охрид, кои се доста мобилни а на нашата електронска пошта постојано доаѓаат нови барања за средби од други градови во Македонија, тука пред се ќе ги издвојам Тетово, Кичево, Кавадарци, Велес, Штип и Струмица.

ПОГЛЕД: Каков е досегашниот одзив на граѓаните на Република Македонија и дали има заинтересираност за зголемување на членството на „Тврдокорни“..

Одзивот како за почеток е одличен и ќе биде уште поголем кога набрзо ќе излеземе на собир да го официјализираме нашето постоење и кога во официјалните обележја, ќе ја испееме химната на Република Македонија и химната на здружението која ќе биде изненадување.

ПОГЛЕД: Која е крајната цел на МПЗ „Тврдокорни“ ? 

Воспоставување на рамка што е патриотизам. Како младите да си ја сакаат земјата затоа што друга немаат, како да се даде пример на сите во државата што е љубов кон својот народ, крајната цел е воздигнување на патриотските чувства во државата кои денес се цел на потсмев од страна на не-национални и атеистички организации, затоа што и Европа полека се престројува на десниот колосек. Не сакаме Македонија да застрани и овој пат и да залута на погрешна страна. Македонија треба да оди таму каде што се движат сите од регионов а не да живее со приказните од времето на Тито и Бивша Југославија.

 

поврзани објави

Последни објави