20.8 C
Skopje
Thursday, October 3, 2024

Кај тргнав Данска, кај запустев – то е ко ќе си фатиш работа со Битолчанец

Здраво. Се викам Бисера и сум од Прилепското село Долнени. Студирав факултет Битола, на ветерина. Оломнани, ко бев втора година, јунска сесија, бев приморана да седам Битола, бидејчи секој ден имав испити. Инаку, редовно си патував секој ден за на факултет.

Ја замолив една колешка и десетина дена спиев кај неа. Се беше во ред, од четири пријавени испити ги положив сите. Како шо е ред, по успешно поминатата сесија, последната вечер со другарката решивме да прошетаме низ широк сокак. Седевме во едно кафуле, убо поминавме, ама кај и текна на колешкава, вели ај да ојме Расчекор.

И таму беше убо, а за мене во тој период и како сон (после се каев). Зошто? Затоа што ми пријде црномањест дечко со прекрасни кафени очи и ме маѓепса. Тоа беше Менде. Ми кажа дека живеј Данска, дека има 23 години (јас имав 20) и дека со фамилијата се дојдени на одмор Битола.

Шо да ви кажам, ме освои одма. Паднав. Останав кај другарката уште три дена, излажав дома дека се одложил некој испит. Нормално, со Менде бевме по цел ден заедно. Тие имаа викендица во Барешани и по цел ден бевме таму, а навечер излегвавме. И одеднаш Менде ми вели, ај со мене Данска.

Ама чекај, му прам јас, а факултетот? Ќе се префрлиш вонредна, ми вели, ќе идаме ко ќе се сесии и ќе си го завршиш. Толку ми фалеше, ме убеди. Го запознав со моите, тој со неговите и направивме мала прослава како веридба. Начелно падна договор, другото лето да напрајме свадба.

И шо да ви кажам, првите месеци од ко појдов, убо ми беше Данска. Имаат кујча на два спрата, ние бевме во неговата соба горе. Ме шеташе, видов шо видов, бевме и до Шведска и Финска. Хелсинки многу ми се допадна.

Менде таму уште учеше школо, факултет за здравствен менаџмент и не одеше на работа. Неговите работаја. Првите проблеми почнаја кога мајка му прво срамежливо, а потоа и директно почна да ми вели да чистам низ дома, оти и така сум седела дома, не сум одела на работа. Како да ви кажам, мене мама дома никогаш не ми наредувала шо да прам. Расфаќав по нешто, ама јас не ојдов таму да им бидам чистачка и куварка!

Тој (Менде) по цел ден ко не беше на школо играше плејстејшн. Некако се поврзуваше со некои негови другари од Битола и играја по неколку сати. Почна да ми станва досадно и почнаа кавгите. На факултетот не ни помислував, не па да фатам книга. Понекогаш навечер излегвавме, ама само петок и сабота. Преку недела ако го убедев да не игра плејстешн, гледавме некој филм.

Е сега, ситуацијата се вжешти кога и Менде почна да ми вика, види како е растурено, мама ти рече да чистиш, оти не чистиш. Оти јас не дојдов овде да бидам чистачка, оти зато, ќе му речев. Ама мама рече! МАМА, МАМА, МАМА. Шо ме зеде бе чоек тука ко само мама ти е в уста?

Еден ден и се јавив на мајка ми моја и сè и кажав. Мама ми рече, ќерко извагај, ако не можиш да издржиш, собериси ги пљачките и ела си дома. Толку ми требаше. После само десет месеци заеднички живот, негде март месец лани, си фатив авионот и си дојдов. Интересно, Менде беше рамнодушен на мојата одлука, а на мајка му како да и олесни.

Нека си игра сега плејстејшн колку сака, еве му ги другарите од Битола, еве му ја мајка му шо сакаше да ме претвори во чистачка. Криво ми е само шо си изгубив една година од факултетот, ама еве го продолжив. И некако ми се одмиле Битолата, искрено да ви кажам…

Обработи: С.П.

Ова е авторски текст и е превземен со одобрение од редакцијата на Галама.

поврзани објави

Последни објави