После 4 години работа во МТВ бев избркан и доведен до работ на егзистенцијата. Не сакајќи да станам партиски слуга, и несакајќи да се молам и потчинувам на неписмени и арогантни директори и шефови решив да си заминам од Македонија. И така без пари и без работа, но со морал и самопочит едно дожделиви и мрачно утре се најдов во Норич.
Во Англија живеам веќе 4 години. Како и секој почеток и мојот беше тежок. Но после си го асфалтирав својот пат и го пронајдов својот „дом.
Моментално работам како Фотограф за неколку дискотеки во Норич како волонтер во BBC voices и како Quality assurance technician во фирма за мобилни телефони. Животот во Англија е поквалитетен и поразличен од Македонија. Ако си вреден, добар и упорен работник, не ти треба партиска книжка за да се вработиш. Тука се е динамично и живото се одвива со забрзано темпо. Но секој си ја гледа својата работа и својот живот, и не се занимава со животот на другите!
Секој пат кога ќе седнам да пијам пиво ме фаќа носталгија по вкусот на нашето најдобро „Скопско„, ме фаќа носталгија и по вкусниата и домашна македонска храна. Овде има се, но го нема тоа искулирано денгубење со другарите и целодневните бош муабети. Ми фали кафе шемата во „Валиум„ која лежерно преминува во пиво шема. Секој ден ми недостигаат моите родители и мојот град, вели Бобан Стоименовски за „Поглед.мк“
Уште не е измислена социјална мрежа што може да те пренесе на празничната трпеза за време на Божиќ и Велигден, да го почувствуваш духот на Бадниковата и Велигденската ноќ. Носталгијата е присутна навечер пред спиење, и е најдобар другар сабајле со првото кафе.
Но колку и да тегнее каменот и ме влече кон дома, во овој момент не мислам да се вратам во Македонија. Таму се уште има политичари со искривени погледи кон реалноста и општеството. Кај нас сеуште те сметаат за човак на секои 4 години, кога има избори и им треба твојот глас. Се надевам дека еден ден државата ќе тргне по вистинскиот пат и дека ќе дојдат млади и политички образовани политичари, на кои што приоритет ќе им биде Македонија а не свое лично и фамилијарно богатење.
А до тогаш God save Macedonia!!!
P.S. I ❤ Macedonia
Бобан Стоименовски за Pogled.mk