Цела Србија се крена на нозе да го брани дедо Мирослав, откако тој претходно пукаше во разбојник. Дедо Мирослав го испратија на психолошка проверка, додека крадците ги пуштија да се бранат на слобода.
На социјалните мрежи се појави група „Правда за дедото – петиција“ со која се повикува на ослободување на дедо Мирослав и промена на законот во однос на случајот на Мирослав Тирнаниќ (89) кој на почетокот на Февруари од ловечка пушка пукаше во крадецот и во таа прилика го повреди.
Куршумот го погодил крадецот Д.Т (22) во ногата, додека неговиот соучесник С.Т. ја прескокнал оградата на имотот на дедо Мирослав и побегнал. Тие на себе имале фантомки, а еден од нив бил наоружан со пиштол. На дедо Мирослав му се заканува казна затвор од 10 – 15 години, поради самоодбрана и употреба на оружје, за кое поседува дозвола.
За да ја спречат оваа неправда, граѓаните се организираат на Фејсбук и на сајтот „peticije24.com“ и во голем број изразуваат поддршка за дедо Мирослав, против кого има кривична пријава за кривичното дело предизвикување општа опасност.
Според пишувањата на одредени српски медиуми дедо Мирослав пред недела дена е одведен на психолошка проверка, додека крадците биле пуштени да се бранат на слобода.
„Повикан сум да дојдам на сослушување во јавното обвинителство, а ако има Бог, нема за што да ме судат, сакаа да ме убијат на прагот на сопствениот дом. Претрпев страв и бев изложен на опасност на свои 90 години. Им се заблагодарувам на сите луѓе кои ме поддржаа и кои порачаа дека правдата е на моја страна“, вели дедо Мирослав.