Водејќи се од компаниската мисија за подигнување на свеста за употреба на новите технологии во секојдневието, компанијата за електроника и технологија, Логинг Електроникс од Скопје, започна акција во која се подаруваат врвни технолошки уреди на 7 средни училишта низ Македонија. Овие нови уреди ќе им бидат од голема полза на учениците од електро-техничките училишта, за да можат практично да совладаат нови и врвни технологии и бидат во чекор со глобалните трендови од оваа индустрија. Акцијата се одвива под мотото “Логинг – Технологија за тебе!”.
“Исто како и претходните општествено-полезни активности на Логинг и оваа акција на донирање на технолошки уреди, се одвива во рамките на наставната програма на Министерството за образование, чија цел е на младите во Македонија да им дадеме можност преку практична работа на мали паметни проекти да осетат дека лесно можат да го контролираат физичкиот свет во секојдневието околу нас, што сигурно ќе им биде и убав иницијален поттик на патот на понатамошната техничка доедукација, а потоа и во раѓање на конкретни идеи за реални применливи уреди во нивниот професионален живот”, вели директорот на Логинг Електроникс Златко Крстевски.
Овој уред – “кит”, учениците ги води низ основите за користење на микроконтролерите од развојната платформа на Arduino преку практична работа на изработка на креативни проекти. Китот вклучува селекција на најчесто користените електронски компоненти, со книга од разработени 15 проекти. Достапноста на китов ќе биде од голема полза за учениците да ја осетат поврзаноста на сензорите и управувањето со уредите во секојдневието. Еден кит е составен од Arduino книга со проекти на 170 страници, Arduino UNO плочка rev.3 и многу додатоци.
Акцијата е една во континуираната низа на активности коишто ги спроведува Логинг во изминативе години на техничките факултети а сега и во средните технички училишта. Целта на акцијата е со достапноста на микроконтролерите до секој млад вљубеник во техниката да се понуди можност учениците да разберат дека не треба секој да биде “Анштајн”, потребна е само нивната креативност, да можат во иднина да развиваат сопствени платформи и решенија. Односно, да се создадат преуслови младите да се развиваат а потоа и продуцираат во сопствената земја, а не тие ресурси да ги бараат надвор, во странство.
Логинг Електроникс е присутен на македонскиот пазар уште од 1997 година и е еден од лидерите во сферата на електрониката и техологијата.
Специјализираните стручни лица во Логинг Електроникс постојано се едуцираат и ги превземаат искуствата од врвните светски производители, притоа обезбедувајќи брзи и свежи информации за употребите на технологиите во секојдневието. Ова е стратешка определба на Компанијата, која што е во рамките на програмата за едукација, базирана на изведување на практично-показни настани за различни целни групи во Македонија, како што се едукативни работилници, демонстрации и слично.
Согласно со корпоративните и општествено-одговорните политики на компанијата, Логинг нуди бесплатни консултации, обуки и совети за правилно и полесно користење на технолошки нови или специфични производи од сопствената понуда, како и бесплатни практични решенија за нивна примена во секојдневието.