2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Шекеринска: Да не бараме политичка порака во ослободувањето на пратениците од притвор

Некои пратеници излегоа порано од притвор некои подоцна, никој не гледаше политика во тоа, решивме да не се мешаме во работите на судството, изјави денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на новинарско прашање дали ќе се изгласаше иницијативата за уставни измени доколку тројца пратеници обвинети за настаните од 27 април не беа ослободени од притвор.

-Би ве замолила и сега да не бараме политичка порака во тоа. Процесот на замена на притворите и куќните притвори траеше подолго време. Вие бевте свесни за тоа како новинари и ние како граѓани. Едното со другото не беа поврзани. Судиите и обвинителствата се вистинската адреса да се поставуваат прашања и да се добијат конкретни одговори. Во ниеден момент за ниту една политичка причина ние не сакавме да користиме инструменти на притисок ниту во Обвинителството ниту во судството – рече Шекеринска.

По однос на условите кои ги поставија неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за иницијативата, а кои предвидуваат амандмани со кои се гарантира заштитата на македонскиот идентитет, како и собраниско тело кое ќе расправа за ветувањето на Заев кој понуди простување за 27 април, Шекеринска нагласи дека амандманите нема да се пишуваат зад затворени врати.

-Амандманите никој нема да ги пишува зад затворени врати и во владини канцеларии. Ветивме дека ќе ги работиме заедно со претставници на Собранието, и ќе се трудиме да го јакнеме консензусот. Договорот во Преспа носи силни гаранции за македонскиот идентитет кои свесни сме дека можат да бидат рефлектирани во уставните промени. Позитивно реагираме на тоа што повикот на премиерот беше сфатен како сериозен и добронамерен политички гест. Драго ни е што овие пратеници се повикуваат на таа изјава на премиерот и се подготвени во Собранието да ги почнеме разговорите за кавгите да бидат дел од нашето минато, а не да ни ја диктираат иднината – рече министерката.

Таа додаде дека е редно време во Македонија да се воспостави политика на помирување и обединување.

-Сум била и сведок и жртва во Собранието кога политчки кавги се претвораат во политички конфликт. Не сакам никогаш повторно тоа да се случи. Поделеноста не смее да се повторува – изјави таа.

поврзани објави

Последни објави