20.8 C
Skopje
Thursday, October 3, 2024

Љубовта не познава граници: Со велосипед поминал преку 10.000 километри за да ја запроси својата девојка

Дека животот е непредвидлив покажува индиецот Прадиумна Кумар Маханадина. Неговата љубот не познава граници. Тој од Индија со велосипед поминал повеќе од 10.000 километри за да ја запроси својата девојка Шарлот Вод Шедвин од Шведска. Од тогаш до ден денес тиа се заедно околу 40 години.

Кумар е роден во 1949 година во мало индиско село, а 24 години подоцна се префрлил во Њу Делхи за да студира уметност и заработувал пари за живот како уличен сликар. На една улица му пришла млада русокоса Швеѓанка и го замоли да ѝ нацрта портрет. Таа Швеѓанка се викала Шарлот и во тоа време студирала во Лондон.

“Кога се појави пред мене, чувствував како да лебдам. Тешко е да се опише со зборови тоа чувство. Очите ѝ беа толку сини, големи и кружни. Ми се чинеше дека не гледа во мене туку во мојата внатрешност, како рендген”, вели Кумар.

“Шарлот се враќаше три пати и ѝ насликав три портрети. Откако дојде вториот пат, почувствував дека тоа е таа, таа жена. Открив дека е жената на мојот живот. Ѝ реков на лош англиски: “Ти ќе бидеш моја сопруга, судено беше да се сретнеме, така е запишано на небото”, вели тој.

Шарлот тогаш имала само 19 години, но не се исплашила од зборовите на сликарот па одлучила да му даде шанса. Заедно поминале две, три недели пред да се врати таа во Шведска. Љубовната приказна тогаш можела да се заврши, но за среќа не завршила.

Младиот сликар одлучи да се бори за својата љубов. За почеток, редовно се допишувале, а после една година Кумар одлучи да продаде сè што има, да купи велосипед со кој ќе тргне на пат од речиси 10.000 километри за повторно да се сретне со Шарлот.

Неговото патување траело речиси пет месеци. Тргнал од Њу Делхи, низ Пакистан, Авганистан, Иран за да пристигне до Турција и остатокот од Европа. Понекогаш правел автостоп или се качувал на воз. Спиел во вреќа за спиење под ведро небо. Сликал по пат и сликите ги менувал за храна.

“Запознав многу пријатели, кои ме хранеа, ми даваа совети, ми го покажуваа патот по кој одам, не бев сам. Ниту еднаш на тој пат не сретнав човек кој не ми се допадна. Беше тоа различно време, различен свет полн со љубов, мир и слобода”.

“Секогаш постои начин да се оствари нешто, доколку постои волја. Сè е можно. Сè зависи од тоа како размислувате. Стравот и сомнежот се двата најголеми непријатели кои Ви го прават животот тежок”, додава Кумар.

На крајот конечно пристигнал до Шведска, а Шарлот живеела во Гетеборг. Ги запознал нејзините родители, а потоа и ја запроси. Таа ја прифати неговата понуда, а сега се во брак 40 години. Моментално живеат во Шведска, имаат две деца, а љубовта е посилна од кога и да било. Тој денес е познат уметник, а работи и како советник во Центарот за култура и уметност.

поврзани објави

Последни објави