Разговараме со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски
ПОГЛЕД: Г. Мисајловски. Првиот круг од претседателските избори заврши. Пендаровски е во благо водство пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ професорката Гордана Силјановкса Давкова. Како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ како Вие го коментирате резултатот од првиот круг?
Пред се мора да потенцирам дека Вмро Дпмне се врати со победа на голема врата, а тоа може најдобро да се види од разговорите со граѓаните и расположението низ народот. Победа во 47 општини е силен сигнал дека Вмро Дпмне се враќа на победничките патеки, додека оваа власт повеќе не е легитимна и што поскоро треба да си замине. Во наредниот период ќе се зголемува нашата подршка бидејќи сите заедно имаме една цел, а тоа е подобра Република Македонија во која ќе доминира подобра економија и бизнис клима, помали даноци, повисоки пензии и плати, инфраструкура и проекти на секаде низ нашата татковина, подобро здравство, реформирано судство и правда, а не како до сега само со празни излитени фрази и ветувања без ниту едно дело. Сепак на крајот од денот треба да се покажат делата, а за жал оваа влада неможе да се пофали со ниту едно дело.
ПОГЛЕД: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се со намален број на гласови во споредба со локалните избори. СДСМ загуби 100 илјади гласови, ВМРО-ДПМНЕ 16,520. На што се должи тој пад во гласовите и дали можеби гласачите во првиот круг апстинираа како порака до најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ?
Јас неколку пати сум споменал дека со сите политички кризи најмногу губат граѓаните, а тоа доведува до колективна депресија и според мене на тоа се должи и самиот процент на излезеност на овие избори. Но сепак треба споредбено секогаш да се гледаат само претседателски избори во минатото и да се вади анализа на излезеност само со таков тип на избори, но не и кога имаме дупли избори односно претседателски што се споени со локални избори или парламентарни избори, бидејќи секогаш во минатото се покажало дека не се толку атрактивни само претседателски избори за целата популација. Но со овие резултати пред се се покажа дека народот повеќе не и верува на оваа влада, а од друга страна народот е разочаран од сите владини постапки односно нивното неработење, неспособност, непотизам, тргување со правото и правдата, прогонот кон сите што размислуваат поинаку и колапсот во економијата. Затоа народот гледа светла иднина во професорката Гордана Сиљановска и во Вмро Дпмне бидејќи за нас дадениот збор и ветување се должност и цврста обврска спрема сите граѓани.
ПОГЛЕД: Дали можеби во текот на изборната кампања за вториот круг, раководството на партијата заедно со кандидатот професорката Давкова, ќе го гледаме почесто во места каде што има претежно албанско население, пример во Арачиново, Студеничани или пак Зајас?
Секој може да забележи дека професорката Сиљаноска а секако и сите структури на нашата партија и коалиционите партии буквално не има насекаде низ нашата татковина, пробуваме да тропнеме на секоја врата, да се видиме со што повеќе граѓани да го слушнеме нивното мислење нивната критика но и пофалба. На тој начин сите ние заедно ја црпиме позитивната енергијата и имаме поголем мотив уште повеќе да бидеме на терен низ народот. Од друга страна се чувствува исто така и пулсот од сите етникуми дека се прелажани од оваа ненародна власт и очекуваат дека набрзо ќе биде сменета, бидејќи со победата на професорката Гордана Сиљановска се отвара прозорецот за нови предвремени избори.
ПОГЛЕД: Како ВМРО-ДПМНЕ ќе ги убеди бојкотирачите да излезат и да дадат поддршка на професорката Силјановска Давкова во вториот круг од изборите, со цел нормално да го зголеми бројот на гласови кој би бил од голема полза за успех на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори?
Секој што посакува оваа власт ден поскоро да биде сменета е добредојден, јас ги разбирам граѓаните што се разочарани и измамени, но ако сите бидеме помасовни и посплотени тогаш убеден сум дека сме на правиот пат а тој пат е нова победа и правда за Македонија. За овие избори навистина татковината повикува и се надевам дека ќе ни се приклучат уште повеќе граѓани бидејќи секој даден глас за Гордана Сиљановска е даден глас за нови предвремени избори, а со тоа и формирање на нова влада која наскоро ќе биде предводена од Вмро Дпмне. Затоа повикувам масовно и помотивирано да искочиме сите заедно на 5 мај и да гласаме за Гордана Сиљановска Давкова и Вмро Дпмне бидејќи тоа е подобрата и победничката опција за Република Македонија.
ПОГЛЕД: Бевте 11 години во коалиција со ДУИ. Сега сте на сосема спротивни страни. Доколку утре постои можност за коалиција со албанска политичка партија, дали како поблиски до Вас ги гледате оние со кои бевте во коалиција за време на вашето владеење или пак можеби сте свртени кон остварување на коалиција со партиите на Села и Касами?
Вмро Дпмне ќе коалицира со било која партија што посакува просперитет, реформи и европски принципи. Но, најважно е државата да ја водат вредни, квалитетни и чесни кадри кои буквално ќе бидат сервис и слуга на граѓаните чија водилка ќе им биде помислата да се оствари се што е ветено во програмата, но и подобро справување на сите предизвици и проблеми кои ги тишти народот.
ПОГЛЕД: Дали гласовите на Река ќе бидат клучни за победа во вториот круг?
Секој глас е важен независно од каде доаѓа, затоа е потребно секој да си го оствари своето демократско право и да го даде својот глас во мирна изборна атмосфера. За мене е најклучно да не се повторат немилите сцени што ги имавме за референдумот каде што бевме сведоци на некои избирачки места што се гласаше на 2.4 секунди или народски кажано се препунија кутиите и за тоа сеуште нема никаква одговорност.
ПОГЛЕД: Двете страни се убедени во победа во вториот круг – што доколку не биде постигнат потребниот цензус?
Доколу имаме фер и демократски изборен ден на 5 мај ние ќе бидеме победничката опција и нова претседателка ќе биде почитуваната професорка Сиљановска, затоа и повеќе пати напоменав да не размислуваме за неуспех на овие избори и треба сите политички чинители да ги повикаме граѓаните да излезат и да си го дадат својот глас бидејќи тоа е најдобриот пат за нашата таковина. Доколку има неуспех во постигнување на цензус повторно навлегуваме во нова политичка турбулентна криза која ќе се одрази врз нашиот народ и може да има уште поголеми разочарување и депресија. Со самиот неуспех на изборите повторно ќе пати економијата, европскиот пат на земјата, повторно нови избори, прекин или намалување на динамиката на инфраструктурните проекти или накратко кажано сидрото ќе остане закотвено и ќе ни треба на сите заедно повеќе време да се отргнеме од дното. Затоа ги повикувам сите граѓани масовно да ја дадеме подршката за Гордана Сиљановска и Вмро Дпмне за да се отворат едрата и да тргнеме на нови бранови со нова позитивна надеж за целиот народ.