3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Петар Колев: Лекција по историја за „патриоти“ за Делчев, Александров и Бугарската воена академија

Вистината е најсилното оружје. Таа ќе не направи слободни.

Пред да започнам да споделувам мои размислувања за големиот Делчев, да ги замолам раководството на ДПМНЕ и нивните членови да одвојат 10 минути и внимателно да ги прочитаат следните редови.

На денешен ден еден од најголемите македонски синови, Ѓеорги Николов Делчев, бил убиен во с. Баница (денешна Грција), во нерамноправна битка со турскиот аскер.
Неговата автобиографија е доволно позната, благодарение на еден од неговите најблиски пријатели, поетот Пејо Јаворов, кој ја пишува и првата биографија на Делчев.

За оние кои зборуваат за дисконтинуитет во Организацијата, би им дал само еден аргумент за размислување. Јаворов по смртта на Делчев ја продолжува својата револуционерна дејност и учествува во возобновувањето на Организацијата, притоа до последните денови од својот живот е еден од најблиските пријатели на Тодор Александров. Воедно, неговото проштално писмо пред да се самоубие го адресира до Александров, барајќи прошка за тоа што умира во слободна Бугарија, а не во Македонија, определувајќи ја како „мајка маченица“ и тој самиот како нејзин „син“.

Единствената различност, „контроверзност”, од дејноста на Делчев, која просрпската историографија му ја „лепи“ на грб на Александров е тоа што се борел против српската окупација на Вардарска Македонија. Да сакал против Турците нема како, бидејки веќе се протерани од Македонија, но во раните денови на неговата револуционерна дејност активностите пред Балканските војни биле и против турското ропство.
Но да се вратиме на непрежалениот син на Македонија, Делчев.
Завршил во Бугарската машка Солунска Гимназија, во истата каде што учел и последниот лидер на ВМРО, Ванчо Михајлов, каде Делчев влегол во контакт со Ѓорче Петров, Даме Груев и началникот на штабот на Илинденското-Борис Сарафов (и тој завршил Воена академија во Софија и бил воен офицер од Бугарската армија).

Иако млади, се „запалиле“ по револуционерната дејност. Зошто? Бидејќи такви им биле даскалите-учителите!
На што ги учиме нашите деца денес е друго прашање! За да бидеш даскал-учител не ти треба знаење, мотивација и подготвеност, туку партиска книшка и кога за тоа решава директорот и министерот или друг партиски војник, се дотогаш образовниот процес во нашата земја ќе изгледа вака.
Не е лошо некој да се заинтересира како нашите прадедовци ги избирале даскалите, па ако го земеме тој пример може и ќе смениме нешто.
Ќе го спомнам само еден од учителите во Гимназијата во Солун, преродбеникот Кузман Шапкарев. Не навлегувам во детали, секој кој што се интересира може да ги пронајде и другите учители, но и да го разгледа начинот по кој ги избирале и да се разбере зошто таа генерација имала таков дух и морал.

По завршување на Гимназијата, своето образование Делчев го продолжил во бугарското Воено училиште т.е. Воена академија. Еден месец пред да ја заврши Воената академија бил исклучен од истата под предтекст дека е со социјалистички-леви убедувања.
Делчев веќе бил обучен офицер, спремен воен стратег, подготвен за вооружени дејствија, но зошто го исклучуваат?
Години наред Бугарија била обвинувана од западниот свет, но и од Русија, дека се меша во внатрешните работи на Турската империја. Многу често Егзархијата и училиштата кон неа биле обвинувани од Турците за тоа дека помагаат и подготвуваат вооружен бунт во Македонија. Илјадници дипломатски ноти, протоколи од дипломатски разговори и друго, се чуваат во архивите во Софија, но и низ светот, во кои јасно се чита притисокот кон Бугарија за тоа што го помага револуционерното движење во Македонија. Само за прост пример, ќе спомнам дека стотици македонски војводи со пресуди за затвор или смрт од Турската империја,но и од српските окупаторски власти, се шетаат низ софиските улици. Бугарија нема предадено ниту еден од нив на турските или српските власти, иако многу често биле на официјални средби со политичари, царскиот двор или дипломати. Реално целата политичка, дипломатска и стратешка дејност на Организацијата се одвивала на територија на денешна Бугарија.

Та зошто Делчев е исклучен? Има една теорија која кружи низ информираните кругови, но и е одбележана во некои белешки на бугарските воени служби, за која никој не сака да коментира, но мене искрено ми изгледа логично.
Еден месец пред дипломирањето на академијата, Делчев, веќе е подготвен и спремен офицер. Ако дипломирал, ќе требало согласно тогашните правила да биде распределен на служба во Бугарската армија и со тоа поврзаноста на бугарската држава и Делчев и неговата идна дејност да биде официјализирана вклучително и со армиски офицерски чин. Но по предтекстот на социјалистичка дејност, кое во царските општества било еден од најголемите опасности и кривични дела е исклучен од академијата.

Но дали Делчев завршува во затвор или е казнет со нешто како сите социјалистички и комунистички дејци кои се фатени од Царство Бугарија?

Не, наместо тоа Делчев од страна на Егзархијата е назначен како учител, една од најценетите можеби и најценета професија во тој период. Каде е испратен? Во Штип, македонскиот револуционерен Ерусалим, како што го определува Петар Завоев во својата книга за Штип.
И кој друг е испратен во Штип како даскал од истата таа Егзархија? Неговиот другар од гимназиски денови Дамјан Груев.
И зошто ги спомнав даскалите и нивната улога во градењето на идните генерации? Па видете што се случува во Штип после појавата на Делчев и Груев. Не можеш да ги изброиш имињата на револуционерите од Штип и Ново Село. Такво семе посеале даскалите и изникнале Развигорови, Чучкови, Алексндров, Михајлов итн.

Но со што е останат во историјата Делчев? Дали со неговата даскалска работа или со неговата вистинска професија воен офицер?
Тој го воведува четничкиот институт на Организацијата, го вооружува, но и најважно го обучува со оружје да ракува населението. Тогаш не служеле воен рок па да знаат како да ракуваат со оружје, иако и денеска не служиме. Делчев ја создава првата леарна на организацијата за бомби и куршуми. Создава мрежа од комитети, вид воени чети низ населените места.
Гоце Делчев е човекот кој од обичните македонски трговци, земјоделци, сточари, даскали, кројачи итн. создава вооружена армија, подготвена да се крене на востание против ропството!

Слава ти голем војводо!
Со твојата способност ти можеше да си го живееш својот живот на офицер! Сигурно и генерал ќе станеше во Бугарската армија со сите привилегии, со семејство и удопства, но ти реши да се вратиш во Македонија и да се жртвуваш за нејзината слобода!

Автор: Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ

поврзани објави

Последни објави