Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, обвинува дека СДСМ има план да ја затвори најголемата опозициска политичка партија преку Специјалното јавно обвинителство.
Во интервју за телевизијата Алсат М, Николоски вели дека се против, како што објаснува, легализирање на дејствијата што ги презело СЈО после законскиот рок од 18 месеци, бидејќи, според него, тие се токму во функција на забрана на ДПМНЕ со судска одлука.
-Не можеме да дозволиме рокот што го има пробиено Специјалното јавно обвинителство, а тоа е 18 месеци од примањето на материјалите, и законските дејствија што ги презеле после овој рок да бидат легализирани. Со тоа не можеме да се согласиме. Тоа не значи, како што вели власта, амнестија за криминалот, затоа што ако некој сторил било какво кривично дело, има обвинителство што може да го гони. Тоа е прво. И второ, единствен случај, и тоа е политичката мотивација на СДСМ, што е отворен после рокот, е случајот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, каде целта е да се забрани нашата политичка партија со судска одлука. Сега битката се води дали нелегалните активности за затворање на ВМРО ќе ги легализираме или не – изјави тој.
Како што истакнува потпретседателот на ДПМНЕ, доколку СДСМ се откаже од овој план можен е договор за СЈО до есен.