Пишува: Дино Блажески, претседател на УМС на ВМРО-НП
Иднината на младите останува, само тогаш кога младите им се потребни на политичарите. Кога на младите им се потребни промени тогаш Македонија има “други суштествени“ проблеми и предизвици за решавање. Верувајте на младите веќе им дојде до преку глава да стојат во место и изигруваат “активни“ само тогаш кога на политичарите ќе им дојде нож до грло. Клише ќе звучи ако секогаш кажеме дека во политичка партија се вклучуваме од идеологија, помодарство стана изјаснувањето дека младите влегуваат во политички партии од идеолошки побуди, не обрнувајќи внимание на моментот дека покрај идеологии во партиите постојат и интереси кои не суштествуваат со целите и убедувањата на самите политички партии.
И во време кога Европа, па и светот воопшто, со огромна брзина се менува до степен на обезличување, во Македонија сеуште владее истото темпо на функционирање на политичките партии, со исти луѓе, со исти намери и исти политички убедувања, без отворање можност и простор за некаква промена, па чуму Ви се подмладоците ако на истите не им се даде шанса да просперираат во политичките партии и кругови на делување? Како мислите да воведете нови лица и енергија за работа и функционирање на македонската политичка сцена ако едноставно не го отворите просторот за младите политичари кои пак немајќи друга алтернатива прибегнуваат од со години изодениот дотогаш партиско-политички пат на просперитет и влегуваат во длабока политичка апатија која резултира со екстремна пасивност и недоверба како во матичните партии така и во институциите.
Неопходна е рекапитулација на политичко-партиските градива, на стратешките цели и планови со кои и самите партии се претставија на македонската политичка сцена години наназад. Неопходна е и еволуција на политичките партии, кои како да се укотвија во минатото и несогледувајќи ги своите грешки од минатото па посегнаа по нови кои во ова време може да им донесат само пасивност и апатија, нешто од што политичките партии можат само да доведат до згаснување на слободната и поразлична мисла.
Тука влегува и иницијативата за менување на изборниот модел односно предлогот на помалите партии за “Македонија – една изборна единица“ со многу мал праг и отворени листи, иако едно со друго не оди но сепак со дијалог (кој во моментов го нема) можно е да се дојде до некакво решение од кое добивка ќе имаат сите, па и младите, особено кога знаеме дека токму младите се “проблематичната“ бројка на пасивни гласачи во Македонија.
Втор факт кој не може да се оспори е бројноста на младите во политичките партии, денеска не толкава колку што било во изминатите години но сепак бројот на млади во партиите треба да биде пример и доказ за мотивираноста на (не сите) младите за нивните аспирации особбено во процесите на одлучување. Токму таму каде што младите се на наша огромна жалост најзапоставени. Прост пример за тоа се партиските раководства потоа пратеничките состави, колку од нив се млади, потоа советничките листи, колку од советничките состави се содржани од млади, а да не зборуваме за телата и органите на локалните самоуправи и Владата итн.
Младите политичари не бараат нешто што е недостижно, баш напротив, го бараат своето заслужено место како во политичките партии така и во општеството во кое живеат и функционираат. Младите политичари бараат да бидат еднакво почитувани и третирани како и сите други, всушност јас тоа би го унапредил па би рекол МЛАДИТЕ бараат да бидат еднакво третирани како и сите луѓе во светот без разлика на која нација, партиска опција или верска припадност припаѓаат. Младите бараат да се слушне и нивниот глас но со својата активност и да допринесат за средината во која живеат и функционираат.
Дозволете пририодниот процес на промени слободно да струи низ партиско-политичките субјекти, дозволете новата мисла, свежа да го донесе очекуваниот успех и одговор на некој од многуте проблеми со кои се соочуваме, а не приоѓаме сериозно како што насекаде во Европа (во најмала рака) приоѓаат.
Бидејќи ниту политичките партии можат без младите ниту младите можат како индивидуи да се произнесат и изборат за она што сакаат да го променат во својата, мојата, нашата држава Македонија.