16.8 C
Skopje
Tuesday, April 16, 2024
Платено политичко рекламирање

Има ли (сѐ уште) народот во кого да верува?

Деновиве често со пријателите со кои сѐ уште збориме за „политика“ и она што ни се случува во државата, си го поставуваме прашањето: Има ли сѐ уште народот во кого да верува? Имаме ли некој кој можеме да го наречеме правдољубив човек, кој сака да се избори за да имаме и правда, а не само право во Македонија? Кога се појави СЈО, кога марширавме сите заедно по улиците носејќи ги нивните маички, кога постојано скандиравме „Нема правда, нема мир“ верував дека постои таков човек. Т.е дека постојат такви жени. Верував дека Катица Јанева и нејзиниот тим од специјални обвинители со право ја добиле довербата од народот за да му покажат на светот дека во Македонија правдата ќе дојде и дека и крупните риби (за кои мислевме дека се недопирливи) можат да бидат зафатени со таа правда.

За жал, од денешна перспектива на нештата морам да констатирам дека правдата ја нема и дека лицата кои требаше да ја донесат правдата го изгубија својот кредбилитет, интегритет односно авторитет. Луѓето кои добија специјално изработен буџет за нивните потреби, од државната каса односно од парите на граѓаните не ја оправдаа нашата доверба.

1. Никола Груевски – човекот за кого имаше толку тешки обвиненија во јавноста дека украл милиони од државата во сите овие години постоење на СЈО замислете е осуден само за набавка на Мерцедес кој остана да биде во функција на државата, токму за она за кое е набавен. Судски одлуки за друго ќе чекаме во некој следен мандат на СЈО односно на новото ЈО. Човекот е на слобода, си шета слободно во Будимпешта, а и си тера мајтап на сметка на сите нас, па дури и на тие кои требаше да го соочат со правдата.

2. Првите пресконференции на кои ќе се појавеа специјалните јавни обвинителки влеваа надеж во секој еден граѓанин кој сакаше да види како недопирливите можат да бидат допрени токму од оние кои треба да ги соочат со правдата. Илјадници луѓе седеа пред малите ТВ екрани и слушаа со внимателност што СЈО има да ни соопшти, со какви докази располага, кој и за што е осомничен, надевајќи се дека храброста и поддршката не само од народот, туку и од меѓународната заедница, може да бидат пресудни за правдата да биде задоволена.

За жал, лицето кое требаше да ја донесе таа правда во Македонија, а која доби безрезервна поддршка од сите нас, за момент ја изгуби довербата во очите на граѓаните. Зошто си го дозволи тоа, најдобро си знае самата личност.

3. Деновиве читам и дека човекот кој го одзема животот на Мартин Нешковски е на слобода поради тоа што бил болен и морал да се лекува. И покрај тоа што е осуден за едно такво грозоморно дело, таков грозоморен чин како што е лишење од живот на едно младо дете, не можам да му посакам на никого, па ни нему да се разболи или да нема право да се лекува. Но, зарем тоа значи дека секој еден кој што има таква потреба ќе биде на слобода и покрај тоа што одземал нечиј живот? Дали тоа значи дека сега шарените револуционери како Павле Богоевски кои тогаш беа во првите редови за да има правда за младото момче, денеска ќе молчат на овие одлуки? Дали тоа значи дека за нив „нема правда, нема мир“ беше само начин да дојдат до функции, за да остварат лични бенефиции за себе и своите најблиски?

4. Како да им веруваме на лицата кои ветуваа „Живот за сите“ кога имаме катастрофални услови во здравството, кога имаме катастрофални услови во студентските домови, кога имаме рекордно ниско ниво на капитални инвестиции, кога гледаме дека градоначалник тепа граѓанин во својата канцеларија и мува не го лази, кога гледаме дека градоначалник на главен град на една држава нема ниту еден посериозен проект и во 21 век се занимава со менување на имињата на улиците, кога гледаме дека секојдневно се зголемува бројот на македонски државјани кои итаат брзо кон Софија за да покренат постапка за земање на бугарско државјанство, кога гледаме дека на локални ниво повторно е истата песна од времето на Грујо, се вработуваат само оние кои се партиски подобни на луѓето кои се на челни позиции, кога гледаме дека се ограничува повторно слободата на медиумите, кога гледаме дека судството повторно е во спрега со луѓе од извршната власт, кога гледаме дека проектите кои се ветуваа, во реалноста не постојат, како во една таква ситуација ние да им веруваме на тие луѓе?

Овие 4 точки се само дел од она кое можам да го пишувам и наведувам како фактичка состојба до утрешниот ден, иако би било бадијала. Единствениот спас за народот да се спаси од коалицијата меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е промена на изборниот модел, странски обвинители и целосна контрола на судството од страна на меѓународните институции во една временска рамка која би била потребна за негово враќање во нормала. Без промена на изборниот модел и без намалување на бројот на пратеници, без директна вклученост на странците во оваа приказна, ние ќе продолжиме да имаме џаболебари, чиј глас во македонскиот парламент го немаме чуено, а служат само за пополнување на одредена бројка. Паролата „нема правда, нема мир“ мора да опстои, а зад неа мора да застане народот и никој друг. Се дури народот молчи, се повеќе ќе биде заложник на погоре наведената коалиција!

Пишува: Васко Костовски

поврзани објави

- Advertisement -

Последни објави