6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Пешевски: Ќе се отворат 10 илјади нови работни места

Со спроведување на низа на комплементарни економски политики, програми, проекти и мерки, Владата создаде услови и поттикна отворање на над 168 илјади нови работни места во стопанството и со тоа невработеноста од рекордо високите 38 проценти во 2005 година успеавме да ја намалиме до рекордно ниските 23,4 проценти според податоците од третиот квартал во 2016 година.

Ова го истакна вицепремиерот Владимир Пешевски на денешната прес конференција и додаде дека дел од овие политики е токму спроведувањето на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.

Овој план е веќе усвоен и донесен, како и досега ќе се реализира преку Агенцијата за вработување на РМ во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а со директна поддршка на Владата, изјави Пешевски.

Оперативниот план за 2017 година претставува континуитет на справувањето со предизвиците наметнати од пазарот на трудот. Реализацијата на оперативните планови Пешевски ја оцени како особено успешна.

Инаку, во изминатите десет години за спроведување на оперативните планови издвоени се вкупно над 50 милиони евра, досега во програмите и мерките се опфатени повеќе од 102 илјади невработени лица, а моментално со статус на вработен се над 43 илјади лица или околу 43 проценти од вкупниот број на учесници.

За реализација на оперативниот план за 2017 предвидени се над 873 милиони денари или околу 14 милиони и 200 илјади евра, односно 2,6 милиони евра повеќе во споредба со 2016 година.

„Со реализацијата на овој оперативен план очекуваме отворање на околу 10 илјади нови работни места, со што значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која планираме до 2018 година да биде намалена под 22 проценти, а до 2020 да изнесува од 17 до 18 проценти“, потенцираше Пешевски.

поврзани објави

Последни објави