4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Луѓето се вознемирени, можни се тензии доколку коалицираат СДСМ и ДУИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денес заедно со членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски и Секретарот на ВМРО-ДПМНЕ за меѓународна соработка Александар Николоски оствари средба со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан и Амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Гарет.

На средбата се разговараше за актуелните политички случувања и чекорите кои би се преземале во иднина. Од ВМРО-ДПМНЕ во однос на актуелната ситуација беше истакнато дека во Македонија има политичка криза која требаше да се разреши со избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи со 51 пратеник, а опонентот СДСМ имаше 49 пратеници.

„Бидејќи сме мултиетничка земја има едно правило кое што во минатото албанските партии бараа да биде и закон, а не само принцип. ВМРО-ДПМНЕ тогаш посочи дека е подобро да остане само на ниво на принцип бидејќи ќе беше многу невообичаено да се преточи во закон, а станува збор за правилото победникот кај македонските гласачи да мора секогаш да коалицира со победникот кај албанските гласачи. На тоа највеќе апелираше и инсистираше токму партијата ДУИ. На оваа тема имаа многу интервјуа и прес-конференции, особено што и меѓународната заедница не’ советуваше тоа да го прифатиме како принцип. Сите тогаш посочуваа дека сме мултиетничка земја, дека не треба да гледаме како е во другите држави бидејќи кај нас е специфично, и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифати и применуваше се додека зависеше од нас. Самиот претседател на ДУИ тврдеше дека ако не се земе најголемата партија кај Албанците во власта ќе има дефакторизација на Албанците во државата и газење на нивната волја. Сега за прв пат дојде обратна ситуација, сега од ДУИ зависи каква ќе биде идната влада“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Британскиот државен министер Данкан запраша кој е статусот на правилото за коалицирање на победничката партија кај Македонците со победничката партија кај Албанците, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се тежнее очигледно на тоа статусот кој до сега важеше, од сега да не важи, како и дека доколку се случи тоа ќе имаме дефакторизација на Македонците и нивна мајоризација, газење на волјата на мнозинството на Македонци и се обратно за што ДУИ досега се залагаше. Од ВМРО-ДПМНЕ додадоа и дека доколку сега се случи прекршување на принципот, истиот во иднина никогаш повеќе нема да важи бидејќи победникот повеќе би добил во коалиционите разговори од вториот или третиот по ред поголем партнер, отколку што би добил од најголемиот партнер за разговори.

Во однос на можните последици од прекршување на овој принцип од ВМРО-ДПМНЕ се посочи дека можни се тензии и притисоци од членството. „Ние сме под голем притисок на нашите гласачи и нашето членство да се бориме и да не го дозволиме нарушувањето на тој принцип, затоа што во основа ние правично постапуваме цело време и сега некој друг не постапува правично кон нас“, појаснија од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Данкан праша и што ќе се случи ако ДУИ решат да одат со СДСМ и со другите помали албански партии, дали тоа ќе е нелегитимна влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека во нашето општество на тоа се гледа како на нелегитимна влада заради нарушениот принцип „победник со победник“, а посебно проблематично е што ДУИ преку ова коалицирање сака да издејствува неуставен закон за употреба на албанскиот јазик.

„Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста, но не знаеме како ќе се одвиваат работите. Ќе има тензија, луѓето се вознемирени, тоа е главната тема во нашата држава. Македонците поради тоа се длабоко фрустирани особено што ова се прави поради неуставен закон за двојазичност на целата територија. Не сме убедени и дека една таква влада може да ги постигне тие цели во една таква атмосфера. Затоа предложивме дека е добро да се направат нови парламентарни избори“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Државниот британски министер Алан Данкан истакна: „Наш заеднички интерес е да се остварат долгорочните цели на државата врзани со нејзините приоритети и нејзините интереси. Што се однесува до формирањето на Влада, тоа не е наша работа. Тоа е ваша работа, работа на партиите.“

Во однос на улогата на СЈО од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека СЈО беше создадено да ги истражи работите кои произлегоа од креираните материјали од сниманите телефонски разговори кои излегоа во јавноста.

„И ние тоа го подржувавме, мислевме дека ќе биде фер и ќе работат на транспарентен начин. Беше повикан обвинител од САД да ги советува работните групи како подобро да се реализира идејата. Тој кажа дека не е добро СЈО да има мандат на подолг период и дека треба да се ограничи неговиот мандат со цел земјата да не биде предолго во тензична ситуација и со институција која е ад-хок. Наш предлог беше тоа да биде една година за да може да отворат истраги за да доколку најдат некои реални докази да отворат обвинение. Бројот на телефонски разговори дотогаш се знаеше и се беше јавно.

Нашите опоненти рекоа дека рокот треба да е две години. На крајот претставниците на меѓународната заедница рекоа дека рокот може да е година ипол. И тоа беше прифатено од страна на сите страни и потпишано. Два месеци од како почна да работи Катица Јанева таа отпушти 2 обвинители од вкупно 14. Медиумите ја прашаа зошто, на што одговори дека немаат толку голем обем на работа за толкав голем број на обвинители. Два месеци подоцна во април 2016-та обвинителката објави дека и’ е потребно продолжување на рокот за работа бидејќи имала многу работа. Ние бевме зачудени, и доколку е тоа навистина така и тогаш го осознале, и предложивме да земе поголем број на обвинители и да ангажира повеќе луѓе, колку што и’ требаат, се со цел да не се тероризира општеството. Таа тоа го одби, и’ до ден денешен таа го одбива тоа. Не прифаќа поголем број на луѓе. Нашата позиција е дека треба да си останеме на договорот потпишан од сите страни, независно што СЈО покажа дека работи благо кажано непрофесионално. СЈО се претвори во партиски огранок на СДСМ. Гледаме дека станува збор за хајка, а не за правен инструмент кој треба да доведе до реално преставување на работите што се случувале. Вршат неверојатен притисок врз судот и говорат дека се многу поддржани од претставници на меѓународната заедница во Македонија. Кога би биле подржани професионално да ја вршат својата работа, тоа би било одлично. Но тие тоа не го имаат разбрано така, туку како поддршка да прават што сакаат и да се занимаваат со политика а не со право“, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.

Амбасадорот Гарет запраша која би била реакцијата доколку ВМРО-ДПМНЕ не направи влада со ДУИ, односно кои се следните чекори и дејства на ВМРО-ДПМНЕ со цел да ја изрази волјата на своите избирачи, на што од ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека за тоа ќе информираат кога ќе се донесе одлука за тоа, како и дека има долга листа на чекори, но што од тоа би одбрале не би можело да биде соопштено во овој момент“ пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

поврзани објави

Последни објави