fbpx
11.8 C
Skopje

Вистината за двојазичноста

АКТУЕЛНО

Пишува: Драган Алчинов

Според сервисот Google Trends терминот ,,двојазичност’’ речиси и да не бил пребаруван пред септември 2016 година. Двојазичноста интензивно почнува да се спомнува од септември наваму. Ова подгревање на темата двојазичност коинцидира со периодот кога беа договорени изборите за 11 декември. Штом се закажаа изборите- започна и канонадата напади врз опозицијата со материјали кои беа вистински ,,сечени, лепени и монтирани’’ во кои требаше да се прикаже дека наводно Заев, неговите соработници и некои новинари се залагаат за двојазичност, федерализација, кантонизација, редефинирање на државата и што ли уште не. Тоа беше една немилосрдна кампања полна со лажни обвинувања и клевети инструирана за да го пренасочи текот на кампањата, да го сруши угледот на Заев и да ја стави опозицијата во дефанзивна позиција.

Зошто немаше барања за двојазичност пред септември 2016? Што суштински се промени во септември па одеднаш сите започнаа да зборуваат за двојазичноста?

Како прво, се’ до септември немаше ни збор за двојазичноста затоа што Груевски и Ахмети уште во август 2008 година донесоа Закон со кој се уреди двојазичноста во Република Македонија. Законот носи полно име: ,,Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа’’. Донесен е на 4 август 2008 (само 2 месеци после предвремени парламентарни избори кога ДПМНЕ обезбеди апсолутно мнозинство од 63 пратеници!), објавен е во Служен весник број 101 на 13 август, а стапил на сила 8 дена подоцна- односно на 21 август. И како што прилега- Законот е напишан двојазично- односно и на македонски и на албански јазик. Под текстот на Законот гордо стои потписот на Трајко Вељаноски.

Во 60 члена Законот ја уредува употребата на албанскиот јазик во земјата. Со тоа експлицитно е гарантирана употребата на јазикот во органите на државната власт, во Собранието, министерствата, судските постапки, управната постапка, извршувањето санкции, изборниот процес, народниот правобранител, при издавањето лични документи на граѓаните, при водењето на матичната евиденција, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, инфраструктурните објекти, локалната самоуправа, финансиите, економијата, образованието, науката, културата и во други области и институции.

Значи, темата за двојазичноста е затворена уште 2008 година кога е донесен именуваниот Закон и двојазичноста е официјализирана во сите области и институции на државната и локалната власт. Затоа никој и не бараше двојазичност изминативе години. Но, во 2008мата го немаше здружението Тврдокорни да протестираат против официјализирањето на албанскиот јазик и ,,разнебитувањето на македонската држава’’. Тврдокорните ги немаше ни во 2011 година кога беа амнестирани Хашките случаи. А не се појавија ни во 2013 година кога поранешниот командант на УЧК Талат Џафери беше поставен за министер за одбрана на Република Македонија. Зачудувачки, ништо од наведеното не му сметаше на членството на ДПМНЕ. Веројатно некаде во просториите на новото седиште на ДПМНЕ има некој апарат со кој патриотизмот кај членството се вклучува и се исклучува согласно желбите и потребите на Груевски.

Сосема е разбирлива актуелизацијата на темата за двојазичноста од септември наваму. На само неколку месеци до избори на Режимот очајно му требаше тема во која можеше да доминира. Пропагандата веќе не можеше да вергла дека сме најдобра економија во Европа. Не можеше да вети брзи евроинтеграции. Не можеше да продолжи да го гради митот за личноста и делото на Никола Груевски. Цела Македонија веќе имаше слушнато со какви луѓе си имаме работа, никој не веруваше во бајките за најдобра економија, а од нивните ,,реформи’’ си го видовме фајдето. И во таков недостиг на пропаганден материјал Режимот ја отвори темата за двојазичноста, претставувајќи се себеси како некаков бранител на македонските интереси. Одеднаш ДПМНЕвците добија фронт на кој барем можеа да војуваат. Иако никој не бараше двојазичност (зашто, нели, тоа веќе беше завршена работа уште од август 2008 година), сепак ДПМНЕ ветуваше дека нема да дозволи двојазичност во Македонија. А лесно е да наметнеш тема кога поседуваш огромен дел од медиумскиот потенцијал и кога можеш со еден телефонски разговор да ја одредиш целата уредничка политика на водечките медиуми во земјата.

Одеднаш, наместо да зборуваме за сузбивање на криминалот и корупцијата, подобрувањето на економијата и внесувањето живот во Македонија ние почнавме да разговараме за двојазичност. ДПМНЕ тврдеа дека нема да дозволат двојазичност; ние, пак, тврдевме дека како прво- никој не ни бара двојазичност- односно дека двојазичноста веќе од одамна е реалност во Република Македонија и дека реализацијата на идејата за двојазичност ја издејствуваа токму ДПМНЕ.

На тој начин јавната сфера во македонското општество се подели на два дела: едните збореа за суштински важните теми, другите водеа битки против ветерници. Ова беше видливо и во кампањите на двете најголеми партии. Сите митинзи на ДПМНЕ се базираа на борба против двојазичноста, а сите јавни настапи на СДСМ беа врз основа на барањето за подобар живот во Македонија. Но, поигрувањето со националните чувства секогаш е опасно. Беше јасно дека  развивањето на анти-албански чувства во дневнополитички цели сигурно дека нема да донесе ништо добро за никого. Досадното папагалско повторување на наводната борба против двојазичноста и федерализацијата создаде свој контраефект меѓу македонските граѓани од албанската етничка заедница кои се почувствуваа навредени од старо-новата албанофобска реторика на ДПМНЕ. Поради тоа голем дел од гласовите на ДУИ се прелејаа на сметка на другите албански партии и кај СДСМ. Ахмети загуби 50% од електоралната поддршка поради фактот дека 8 години е во коалиција со (анти-албанската во дневнополитички цели) ДПМНЕ. Во обид да ја поврати својата поддршка и да му излезе во пресрет на својот коалициски побратим, Али Ахмети изработи албанска платформа која е предуслов за составување на новата влада.

Очигледно дека трикот со двојазичноста му донесе краткотрајни придобивки на Груевски. Актуелизирајќи ги овие чувствителни теми тој обнови дел од својата поддршка. Пропагирајќи некакви црни сценарија деновиве се чини како да се обидува да даде некаков краен отпор. Медиумската машинерија во негова служба уште долго време ќе го обвинува Заев за одлуките на Груевски од 2008мата. Не се за верување заканите на Груевски дека ситуацијата можела да излезе надвор од контрола; но, сепак, Балканот продолжува да биде буре барут. Една искра е доволна за немили настани. Крајно неодговорно, дволично и перверзно однесување на политичкиот камелеон Никола Груевски. Но, што друго и може да се очекува од него?

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -