Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев да ја отфрли, како што вели самата таа, Тиранската платформа.
„ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да се откаже од Тиранската Платформа и реализација на елементите кои што се содржани во неа. Доколку СДСМ го стори тоа ќе му дадеме поддршка на Зоран Заев да формира влада“, истакна на денешната прес-конференција Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Со отпочнувањето на преговори врз основа на Тиранската Платформа и со својот позитивен став кон неа, аболицираниот Зоран Заев остави можности поединци или групи се поотворено да го негираат македонскиот идентитет и да испраќаат закани кон Република Македонија, искажувајќи територијални претензии.
Албанската пратеничка, Месила Дода е последна во низата кои отворено застанаа против македонските национални интереси. Таа му порача на Зоран Заев дека доколку се повлече од Тиранската Платформа треба да се соберат сеалбанските политички сили за да се помогнат да се одржел референдум за Илирида.
Тоа е цената на игрите на Зоран Заев со Тиранската Платформа која е спротивна на највисоките државни и национални интереси. Ваквите срамни и недолични изјави се производ на уцените на кои потклекна Зоран Заев само од страв дека тој и криминалното раководство на СДСМ ќе треба да одговараат за кривичните дела што ги сториле.
Пазарењето со националните интереси е најнизок и најсрамен чин. Зоран Заев мора да собере храброст, да го послуша народот и да ги отфрли уцените. Не може трите потписи на Зијадин Села да бидат поважни од македонскиот идентитет. Срамно е да се соработува со некој кој во лице те негира и ти кажува дека пред 100 години не си ни постоел.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да се откаже од Тиранската Платформа и реализација на елементите кои што се содржани во неа. Доколку СДСМ го стори тоа ќе му дадеме поддршка на Зоран Заев да формира влада.
Второто решение за излез од кризата се предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Доколку СДСМ и Зоран Заев се убедени дека Тиранската Платформа е добра за иднината на Република Македонија, тогаш истата треба да ја понудат пред граѓаните и граѓаните своето мислење да го искажат на избори.