Списокот со цени на производи може да се очекува во вторник кога Владата ќе ја разгледува предлог-одлуката од Министерството за економија. За непочитување на одлуките на Владата и за нефер трговски практики може дури и да се затвори некој супермаркет или да има забрана за вршење дејност
Министерот за економија Крешник Бектеши најави замрзнување на цените на основните прехранбени производи и забрана на акциски продажби на храна со која трговците ги носеле во заблуда потрошувачите. Тој рече дека точните цени ќе се знаат во вторник, кога предлог-одлуката ќе се достави во Владата, а во сила ќе стапат следата среда или четврток, односно веднаш штом ќе се објават во „Службен весник“. Но, во меѓувреме, како што потенцираше Бектеши, се очекува намалување на цените на сите прехранбени производи за најмалку 10 проценти.
– Министерството за економија од утрово почна да носи предлог-одлуки за зачувување на животниот стандард на населението. Сите анализи покажуваат дека нема основа за зголемување на цените на прехранбените производи и од страна на трговците и од страна на производителите, имајќи го предвид намалувањето на цените на основните прехранбени производи на светските берзи и споредувајќи ги со цените како на увезените производи, така и на суровините за домашното производство. Точно е дека има намалување на инфлација во однос на претходниот период, но според анализите на Министерството за економија има простор за уште поголемо намалување – рече Бектеши.
Денеска Министерството за економија до Владата прати предлог-одлука со која ќе се забрани акциска продажба во сите трговски синџири до 30 ноември. Можеби ова изгледа како чудна одлука – дека ќе им скратиме на граѓаните одредено намалување на цени, но не е така. Наредната недела ќе се проследи одлуката за замрзнување на цените во прехранбената индустрија. Забележано е дека одредени трговски синџири прават измами со кампањи за акциски продажби, ова нема да може по 30 ноември. И граѓаните ќе знаат точно колкави ќе бидат цените на одредени производи, а не да има калкулации на дневна и на неделна основа – вели Бектеши.
Тој најави дека утре ќе се сретне со големите маркети и ќе го пренесе ставот на Министерството за економија за линеарно намалување на цените на храната од најмалку 10 проценти.
– Министерството за економија нема да дозволи да се профитира на грбот на граѓаните. Мерките ќе важат до 30 ноември со можност за продолжување. Важни се и измените на Законот за пазарен инспекторат и носење нов закон за фер трговски практики. Утре Министерството за економија ќе го достави толкување на Законот за заштита на потрошувачите до директорот на Државниот пазарен инспекторат, имајќи предвид дека ние сме надзорен орган, со цел да има и затворање и забрана за вршење дејност на супермаркетите. Притоа се повикуваме на член 69 од Законот за заштита на потрошувачите и на член 29 и член 30 од Законот за трговија. Тоа утре ќе им биде пренесено на големите синџири на супермаркети – рече Бектеши.
Министерот за економија изјави и дека е ставен крај на „џентлменски договори“ со трговците и со производителите и дека одлуките ќе мора да се почитуваат.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат рече дека од 1 јануари до 31 јули се направени 16.400 надзори, а се издадени повеќе од 3.700 налози во вредност од 140 милиони денари.
– Следејќи ги цените и порастот на инфлацијата, сакам да известам дека ние како институција немаме надлежност да влијаеме врз формирањето на цените. Може да се види дека цените на прехранбените производи се енормно високи и дека ако Владата донесе мерки по препорака на Министерството за економија, тогаш Државниот пазарен инспекторат ќе постапува кај сите субјекти, неселективно, како и досега. Пазарниот инспекторат продолжува да работи со засилени контроли, сè со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Ги охрабрувам сите граѓани што ќе забележат неправилност, веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат – рече Трајковски.