Молчеше со години. Не дознавме како тој излезе од земјата, како избега токму во Унгарија, зошто токму во Будимпешта, исто како што не дознавме ниту до каде е истрагата за неговото наводно „бегство“.
Наместо молк, сега гледаме отворена уста, глумење „жртва”, но и еден вид на своевидно враќање во „политиката“, за да се исполни одредена цел.
И додека истиот тој човек слободно си живее, дури и отвори бизнис според официјални податоци кои што ги објавија медиумите, неговите некогашни најблиски соработници се по затвори и притвори со години. Секако, не само тие, туку и оние од 27 април од кои, еден, а тоа е Игор Југ му упати порака.
Ретки се оние кои го бранат, а најголем интерес предизвикуваат таканаречените „експерти“ кои 24/7 го напаѓаа Груевски години наназад, за да сега покажат возбуда и интерес дека всушност Груевски е многу моќен човек кој уште може да влијае не само врз ВМРО-ДПМНЕ, туку и врз процесите во Македонија.
И за да не ја шириме приказната, се поставува прашањето: Како од бегалец на правдата и човек кој ја остави ВМРО-ДПМНЕ во една тотално изолирана состојба, тотално потопена на избори, со целосно нарушени односи со меѓународната заедница, со список од 30 луѓе кои завршија по затвори, притвори итн итн, ќе се прави „херој“ кој еве сега не само што ќе го спасел ВМРО-ДПМНЕ, туку и Македонија од Мицкоски, човекот кој го победи Заев на избори и победи во 44 општини низ државата?