Со солзи во очите, екс министерката Гордана Јанкуловска во интервју за 360 степени раскажува за она што го поминува во затворот Идризово, за нејзините средби со синот кој сега е пет години, а кој останал без неа на 2 ипол години.
– Најтешкиот дел е дистанцата од синот. Петар има пет години и целава ситуација е тешко да му се објасни. Тој остана без мајка, само со татко на 2 години и 3 месеци. Јас неодамна, пред неполни 2 месеци имав можност да излезам од затворот. Сите прашања кои ги поставува се многу логични и зачудува зрелоста на едно толку мало дете.
На прашањето дали може да се каже дека затворот има ресоцијализаторска улога, Јанкуловска вели:
Во делот на издржувањето на казната, кај нас во Македонија е сегмент на кој треба многу да се работи. Од она јас што го гледам е дека треба да се вложат повеќе напори во тој дел.
– Моето искуство со затворската управа е позитивно. Тие луѓе работат во тешки услови, впрочем веќе зборував за катастрофалните услови, кои што не се само лоши за затворениците, туку и за вработените. Од она што можам да го видам е дека тие се професионалци и гледаат да имаат коректен однос и со странките, но и со осудените лица во затворот. Ова го кажувам од лично искуство, вели Јанкуловска.
На прашањето дали намерно или случајно се сретнала со Мицкоски, Јанкуловска низ насмевка вели дека може да се сретне со било кого кога е во домашно отсуство. За средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е можност да разговара со него за дневно политички теми.
– Јас со задоволство ја имав таа средба, никој не може да ја злоупотреби мојата фотографија со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За нејзиниот став за судирот меѓу Мицкоски и Груевски, Јанкуловска вели дека е неблагодарно да направи анализа бидејќи и е краток периодот за информирање, нагласувајќи дека по однос на вакви состојби може да каже дека ВМРО-ДПМНЕ не е еден човек и не е еден тим, туку е идеја и идеологија.
Јанкуловска вели дека ВМРО-ДПМНЕ има легитимно актуелно раководство сега кое ја има нејзината поддршка.
За тоа дали би се сретнала со Груевски, Јанкуловска вели дека нема проблем да се сретне со било кој, но прашање е дали тој би имал интерес за да се сретне со неа.
– Од неговото бегство до денес, јас немам никаков контакт со Груевски и не гледам за што би разговарале и да се сретнеме со него.