13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Хаос и оставки во најава – можно ли е затворање на воздушниот простор над Македонија?!

Како прв чекор што би можел да го напомнам е дека ќе се започне со депонирање на оставки од сите оние контролори на летање и помошници-контролори кои имаат раководни функции, инструкторски функции или се шефови на смени. Ќе се повлечат од своите позиции и од проектите во кои се вклучени. Со тоа ќе се даде поддршка на сите досегашни активности на Синдикатот, но и на тие што ќе следуваат – рече Тасевски и рече дека смета на 20 до 30 оставки.

Тој очекува и другите служби од М-НАВ да се приклучат и да ги поддржат активностите на Синдикатот на контролорите на летање.

– Дефинитивно веќе почнуваме да се окрупнуваме како бројка на луѓе кои застануваме во заштита на институцијата, во заштита на професионализмот и пред сè во заштита на безбедноста во воздушниот сообраќај, која не трпи компромиси по никаква цена. Ако директорите сметаат дека можат со притисок кон вработените и кон синдикатот да продолжат со овој начин на вработување, нека продолжат да работат сами ако се способни за такво нешто – дециден е Тасевски.

Во насока на притисоците кои ги чувствува, Тасевски рече дека бил повикан на разговор во полициска станица.

Телефонски бев повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи, каде што ми беше презентирана пријава од страна на двајца од тројцата директори: Фахрудин Хамиди и Хасим Деари, кои поднеле кривична пријава против мене врз база на и-мејл кој бил доставен до нив, поради наводно чувствување загрозеност на нивните животи и сигурност, по член 144 став 2 од Кривичниот законик. Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема какви било ставки кои што асоцираат на закани или на животозагрозувачки информации – рече Тасевски.

Од МВР денеска појаснија за случајот со Тасевски и велат дека постапиле врз основа на пријава и согласно законот, а лицето не е лишено од слобода, туку е извршен службен разговор.

– Секогаш кога ќе биде поднесена пријава од граѓанин за заканување или заплашување, МВР го поканува лицето против кое е поднесена пријава за да се изврши службен разговор. Тоа е направено и во конкретниот случај. По документирање на случајот, до ОЈО ќе биде доставен соодветен поднесок за нивно натамошно постапување – велат од МВР.

Поради спорните огласи и постапки за вработување, Синдикатот најави штрајк на Нова година, но потоа постигна договор со управата да биде вклучен во процесите за да се избегнат нестручни вработувања.

Прашан дали повторно ќе организираат штрајк, Тасевски рече дека во наредните неколку дена не очекува да дојде до такво нешто, но ако продолжат работите да се одвиваат на ист начин, рече дека „ќе дојде до тотално затворање на воздушниот простор“.

Реакцијата на Синдикатот дојде поради последниот оглас објавен од М-НАВ, за вработување на нови кандидати. Тасевски вели дека огласот е спорен по повеќе основи, меѓу другото дека кандидати што ги поднеле сите документи и кои во пријавниот лист имале наведено што се доставиле, биле одбивани поради „непотполна документација“.

Тој објасни дека не бил испочитуван ниту временскиот рок за пријавување, а во селекцијата не бил вклучен синдикатот, што е обврска на работодавачот според колективниот договор и според спогодбата што ја постигнале како предуслов за да го стават штрајкот во мирување.

– Ќе се оди на оспорување на целиот овој конкурс за вработување, ќе се спорат многу аргументи, ќе се спорат вработувања на претходни директори што биле во М-НАВ, при што и покрај донесеното мислење од Државна комисија за спречување на корупцијата. Таму јасно посочено дека не смее да има никаква инсинуација дека станува збор за наместен конкурс, а овде е веќе јасно и очигледно за кого е предвидено работно место уште од почеток, за Миљаим Селмани станува збор – рече Тасевски

поврзани објави

Последни објави