Мора да има „летања“ и од Владата за да се воведе ред во Контролата на летање во Македонија.
Ова е најлогично размислување ако се земе предвид кој се може да стане директор во една од институциите кои се клучни за безбедноста на македонското небо.
Според последните информации во врска со новонастанатата состојба во М-НАВ сосема апдурдно е условите за извршен директор на СВН да може да ги исполни лице без факултет, но истовремено не и доктор на науки по воздухопловство.
Имено, со цел да ги сочуваат извршните функции за себе, го имаат статутот на друштвото направено по сопствена мерка (средношколци со курс од 6 месеци за кл).
За да се реши состојбата, потребно е да се смени статутот, односно да се овозможи со претпријатието да раководи менаџер со искуство, кој знае да раководи во стресни состојби, но и да работи на создавање долгорочни стратегии кои се однесуваат на развојот на компанијата.
И додека сето ова се случува на јавна сцена, премиерот Ковачевски не гледа ништо спорно во одлуката на Владата за неколку часа да го промени своето мислење и на местото на Илир Мемеди да го назначи Асани за кого медиумите тврдат дека е внук на Ахмети.
На прашањето дали знае чиј внук е, Ковачевски одговори дека не знае, но дека истиот има професионална кариера и е контролор 25 години.
Доколку овие информации се точни, излегува дека во Македонија најважен услов за да се стане директор е да се биде член на ДУИ, роднина на Ахмети и да се поседува смешен сертификат кој може да го земе буквално секој.
И додека меѓународната заедница будно го следи овој скандал, првите луѓе од власта удрија по синдикатот и контролорите кои ги обвинија за наводни семејни врски и вработувања, без притоа да дадат остра осуда и експресно да реагираат на овој терористички акт односно напад на Контролата на летање, објект, кој сегде во светот е витален за безбедноста на патниците во авиособраќајот.