СДСМ ќе обезбеди вработување на 35.000 млади, преку програмата ,,Гаранција за млади”, ова вчера го најави д-р Венко Филипче во Прилеп на средбата со младите. „Една од промените што ќе ја направиме е зголемување на програмата „Гаранција за млади” која ќе биде отворена за 35.000 млади кои ќе добијат многу можности за вработување“, истакна неврохирургот Филипче.
Филипче презентираше и други младински политики предвидени во програмата на СДСМ. Во програмата е предвидено и континуирано подобрување на образовниот процес, кој ќе овозможи европско образование за младите во земјава.
„Ќе работиме на подобрување на наставните програми, но паралелно ќе се грижиме и за севкупните услови во кои младите се образуваат. Ќе создадеме подобра инфраструктура во училиштата и студентските домови, средина која ќе биде мотивирачка и инклузивна за вие да можете целосно да се посветите на вашиот развој и образовен раст“, рече д-р Филипче.
Носителот на листата на СДСМ во ИЕ 4, неврохирургот Филипче на младите во Прилеп им порача дека СДСМ во нив гледа идни носители на развојот на општеството и побара од нив секогаш да бидат гласни за своите идеи и амбиции.
„Многу скоро ќе дојде време кога вашите генерации ќе треба да ја преземат одговорноста во државата, затоа во вас СДСМ гледа идни носители на развој на македонското општество“, додаде Филипче.