14.8 C
Skopje
Sunday, October 6, 2024

На небото се појавила зелена огнена топка, па експлодирала: Снимен астероид кој паднал над Филипините

Астероидите со оваа големина, наведува „ESA“, ја погодуваат Земјината атмосфера во просек еднаш во две недели.

На небото над Филипините снимена е голема зелена огнена топка, а потоа и нејзината експлозија. Станува збор за согорување на допрва откриен астероид „2024. RW1“ во атмосферата, пишува „LiveScience“.

Астероидот е откриен и именуван во средата 4. септември, соопштила Европската вселенска агенција (ESA) на „X“. Неговиот дијаметар бил околу еден метар и веднаш е прогласен за безопасен.

Претставници на ESA рекле дека нема опасност бидејќи ќе се распадне во атмосферата, но дека луѓето во областа над која ќе падне ќе може да „видат спектакуларна огнена топка“.

Астероидот се распаднал на 5-ти септември во 17:46 по наше време и тоа над западниот Тихи Океан, во близина на филипинскиот остров Лузон.

При распадот на астероидот се видела зелена светлина, па се претпоставува дека причината за тоа е висока концентрација на магнезиум. Експлозијата се видела и од далечина од 400 километри, објавило Американското метеоролошко друштво.

На социјалните мрежи се споделуваат видео-снимки од оваа експлозија на небото.

Астероидите од оваа големина, наведува „ESA“, ја погодуваат Земјината атмосфера еднаш во две недели. Меѓутоа, ретко се забележуваат на време бидејќи се мали. Ова е само деветти пат астрономите да забележат астероид со таа големина пред да согори во атмосферата.

поврзани објави

Последни објави