Средба што ќе ја памети до крајот на животот му се случи на Игор Џамбазов во салата на МПЦ „Св. Климент Охридски“ во Торонто кадешто одржа концерт со Гуру Харе.
Македонскиот актер и шоумен сподели неочекувано доживување од Канада, а со неговата снимка која ја сподели на социјалните мрежи успеа да ја разнежни и поп-дивата Калиопи.
„Ме расплака“, му напишаа таа под видеото.
Џамбазов напиша дека ова е сигурно еден од најемотивните моменти од концертот во Торонто.
„Дознав дека во публиката се наоѓа тетка Даринка, жената која не’ чуваше мене и сестра ми Тања кога бевме мали. Живееше кај нас, се грижеше за нас, и во недостаток на родителите кои тогаш беа на врвот на своите кариери и многу често отсуствуваа од дома, бидејќи патуваа на турнеи и снимања, таа се обидуваше да ги замени. Тетка Даринка се обидуваше да не’ научи да бидеме добри луѓе, и се надевам дека успеа во тоа. А кога конечно ја пронајде љубовта на својот живот, чичко Ѓоко, тој ја побара нејзината рака од мајка ми и татко ми, а тие им дадоа благослов. После тоа заминаа за Канада. Таму станаа успешни луѓе, познати во македонската заедница. На концертот, ја повикав на сцената. Се изгушкавме за сите 56 години во кои не се видовме. 56 години. Животе, понекогаш навистина знаеш да бидеш суров“, раскажа Џамбазов.