Автор: Марио Милчевски
Скопје – градот што се гуши, градот што умира пред нашите очи
Скопје некогаш беше симбол на надеж, град што обединува, место каде животот пулсираше низ чистите улици, свежиот воздух и насмевките на неговите жители. Денес, Скопје се претвори во сценарио на една трагедија – градот што полека, но сигурно, се гуши.
Во секое ќоше, ѓубрето стана владетел. Улиците, некогаш живи и раздвижени, денес се претрупани со остатоци од човечката неодговорност. Контејнерите прелеани, парковите задушени од пластика, а улиците сведоци на безобразното однесување на сите нас. Градот што некогаш беше наш дом сега е затвор – затвор од хаос, нечистотија и недостаток на грижа.
Но, кој е виновен за ова? Дали тоа се политичарите кои од нивните канцеларии ветуваат “чисто и зелено Скопје” додека не успеваат да испорачаат ни наједноставен проект? Или сме ние, граѓаните, кои го сведуваме својот дом на депонија, фрлајќи го отпадот каде што ќе стигнеме, не размислувајќи дека со секој пластичен отпад, со секој фрлен угарок, секoja наша несовесност, го убиваме градот?
Замислете ги децата што растат овде – тие дишат истотo загаденo небо, играат меѓу купови ѓубре и го носат товарот на нашата неодговорност. Вие, политичари, кои си играте со судбината на овој град, како можете да ги гледате своите деца во очи? Ниту вие не живеете во друг свет – вашите домови се тука, вашите животи се врзани за овој град. Дали сте толку заслепени од моќта и самобендисаноста, што заборавивте дека сте избрани за да му служите на овој град?
Скопје заслужува подобро. Тоа заслужува чистота, ред, и љубов од своите жители и лидери. Секој од нас е дел од решението – почнувајќи од најмалите акции како фрлање ѓубре во соодветен контејнер, почитување на јавните простори и барање одговорност од оние кои се платени да го водат градот.
Градот умира – а ние сме неговите џелати. Но, исто така сме и неговите спасители. Од нас зависи дали Скопје ќе стане пример на обновување и заедничка грижа или ќе остане трагичен споменик на нашата неодговорност.
Да не дозволиме утрешното Скопје да биде само урнатини и празни приказни. Време е да се разбудиме. Време е да го спасиме нашиот град.
За жал, ниту сегашното раководство на Скопје не покажа апсолутно никаква одговорност во справувањето со овој проблем. Напротив, нивната неактивност и игнорирање на приоритетите само го забрзаа уривањето на градот што некогаш го нарекувавме дом!