Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон изјави дека Велика Британија е подготвена да се приклучи кон САД за нова воена акција во Сирија, ако тоа биде побарано, јавија американските медиуми. Во интервју за БиБиСи Џонсон додаде дека би било премногу тешко за неговата земја да каже “не” ако САД побараат британска помош за воена мисија против силите на сирискиот претседател Башар Асад. Британските пратеници во 2013 година го отфрлија барањето на тогашниот премиер Дејвид Камерон за
воздушни напади како одговор на употребата на хемиско оружје од страна на армијата на Асад. Велика Британија е дел од меѓународната коалиција, која војува против “Исламска држава” во Сирија, но не учествува во воени дејствија против Асад. Џонсон додаде дека владата и премиерот, ќе одлучат за понатомошните чекори во однос на конфликтот во Сирија. Претседателот на САД Доналд Трамп нареди во почетокот од месецот ракетен напад врз сириска воздухопловна база во одговор на употребата на хемиско оружје од страна на силите на Асад против реони контролирани од бунтовниците. Вашингтон соопшти дека се можни уште воздушни напади ако Асад повторно посегне кон хемиското оружје.