6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

ШАМПИОНИТЕ ВО ФУТСАЛ ДЕНЕС НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

На четвртти мај заврши Државното првенство во футсал на кое преку Сојузот на училишен спорт, учествуваа повеќе училишта од државата. Денеска, во кабинетот на градоначалникот гостуваа шампионите од ова првенство – учениците од ОУ Коле Канински, кои на Битола и донесоа високи резултати.

„Тие оваа година го имаат првото место. Иако имаше голема конкуренција, се натпреваруваа во final four и постигнаа големи резултати. Оваа година тие се први од 360 училишта во Република Македонија. Дел од овие девојчиња ќе настапат и во ракометната екипа и повторно ќе имаме можност да се сретниме со нив во еден друг состав. Сакам да им се заблагодарам на наставниците кои што ова навистина од срце го прават многу години наназад. Она што е многу важно за нас е да имаме генерации кои што ќе бидат преполни со знаење, а себе си ќе се развиваат како здрави личности, професионалци кои што знаат што прават, онакви какви што и се потребни на нашата држава. Јас сум убеден дека оваа екипа го има тоа“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески кој младите ученици – спортисти ги праша која е нивната најголема желба која што може да им ја исполни градоначалникот.

Учениците побараа поддршка од локалната самоуправа за брза реконструкција на спортската сала во училиштето:

„Ние тоа веќе го планиравме. Не само во ова училиште – такви интервенции правиме и во други училишта, тоа е веќе предвидено во нашата програма и верувам дека во идниот период во две училишта – Коле Канински и Елпида Караманди, ќе имаат нов паркет во училишните спортски сали за полесно одржување на тренинзите и полесно достигнување на резултатите, додека во другите училишта имаме интервенции од друг вид, додаде градоначалникот Талески. Учениците од основното училиште Коле Канински беа предводени од заменик директорот на училиштето и нивни тренер, кој информираше дека оваа екипа тренира повеќе од пет години, а зад себе има покрај освоеното прво место, две втори и едно трето место на државно првенство. Неговите очекувања се дека и ракометната екипа од ОУ Коле Канински, за неколку дена ќе донесе висок резултат и од државното првенство во ракомет.

поврзани објави

Последни објави